Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, изрази сомнеж за потребата од менување на државната химна и грб. Според неа, химната ја одразува историската меморија на земјата и нема потреба од никакви промени.
– Доколку ме прашате за химната, моето мислење е јасно – нема потреба од промена. Таа не само што е одраз на сегашноста, туку изразува и историски белези кои не треба да се менуваат. Иако химните во повеќето држави имаат важна историја и значење, ние не сме тие кои ќе решаваме дали и како тие треба да се менуваат – рече Сиљановска-Давкова.
Шефицата на државата исто така, се осврна на државниот грб, кој, според неа, претставува повеќе географски отколку историски симбол.
– Не сум против отварање на ова прашање, но моментално сметам дека не е време за тоа. Во нашиот регион, таквите дискусии често доведуваат до конфликти кои ќе не одвлекуваат од важните прашања кои треба да ги решаваме – додаде претседателката.
Таа се плаши дека отворањето на овие прашања ќе донесе нови етнички конфликти и ќе ги оддалечи напорите за справување со посериозни проблеми. Според неа, уставните симболи, како што се грбот и знамето, веќе се прописно опишани во Уставот и нема потреба за дополнителни измени.