Судот објави термини за изведување докази и сведоци од страна на одбраната откако со денешното презентирање видео снимки од дворот на обвинетиот Велибор Манев, заврши изведувањето на доказите на Јавното обвинителство за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Адвокатите на првообвинетиот Љупчо Палевски предложија тројца сведоци и побараа да се испита самиот Палевски. Адвокатите на сите други обвинети ги предложија нивните клиенти да сведочат пред судот. Судот прифати да се испитааат сите обвинети. Тие ќе сведочат по следниот редослед: Велибор, Боре, Влатко, Александар и на крајот Палевски.
На 26 февруари во 10.30 ќе се почне со првиот сведок на одбраната на Палевски и со материјални докази. На 5 март во 10 часот ќе бидат повикани останатите двајца сведоци, Мартин Панчевски и Стојан Кујунџиевски од СВР Велес. Ако не дојдат сведоците, ќе се почне со испитување на обвинетите.
Адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, побара повторно да се изведат снимките од дворот на Велибор Манев за да ги даде неговите забелешки. Тој рече дека незаконски е да се изведуваат во оваа фаза на постапката и дека се криера мислење по налог на Обвинителството.
– Имаше тврдење при прикажувањето на снимките дека тоа се лицата на конкретните обвинети, но тоа не е доказ дека тоа се навистина тие. Бев спречен да реагирам при презентирањето на еден доказ. На снимката се гледа ноќно време, а за неколку секунди станува ден. Од Обвинителството денеска за прв пат слушнавме дека имало и прв обид за киднапирање на Вања. Ова беше кажано без никаво објаснување и приговарам на ова. Во обвинителниот акт, во опишаните дејствија никаде не е спомнато вакво дејствие. Дали е ова дополнение на обвинителниот акт или ново обвинение? Затоа реагирам на ова искажување. Во обвинителниот акт, описот на дејствијата се дека обвинетите првично извршиле грабнување на Панче, му заѕвониле на врата, го турнале на земја и го земале. Следно дејствие во обвинението е дека Палевски го зел телефонот од куќата на Панче и клучевите од „цитроенот“, ја заклучил вратата и заминал со тројцата обвинети со „цитроенот“. Понатамошно дејствие е дека бил однесен на местото на убиството, бил убиен и фрлен во дупка. Од сите докази досега еден доказ нема врска со дејствијата во обвинителниот акт. Би замолил во иднина ако има дополнение на докази да ни биде овозможено навреме да реагираме, за веднаш да ги расчистиме спорните моменти, какви што денеска имаше многу при презентирањето на цедињата – рече Страшевски.
Тој рече дека се констатира дека обвинетите се подготвувале за убиството на Панче, а никаде не е прикажана снимка од пред куќата на Панче.
Обвинетиот Палевски даде приговор дека материјалите не се веродостојни и се манипулирани.
– Манипулирани се датите, затоа што јас заедно со сите тројца обвинети прв и последен пат заедно сум бил на 5 мај 2023. Со нив не сум бил на 22.11.2023. Обвинителството наметнува лажни докази како на пример дека на јакната се гледа микрофон. Не е можно тоа да се види на ноќна камера. Јас на овие манипулирани снимки себеси не се препознавам. Без докази Обвинителството лесно тврди дека Палевски е присутен на видеото. Невозможно е да управувам 120 км со возило, а да не оставам ниедна ДНК во возилото. Во исто време, кога сум патувал од Белград кон Турција во „ренџ ровер“ сум оставил 7 примероци на ДНК. Следи мојата одбрана и се надевам судот ќе ми дозволи целосно да ја изведам за да ги демантирам лагите на Јавното обвинителство – рече Палевски.
Тој најави нови сериозни докази за сторени кривични дела на Обвинителството, бидејќи, како што рече, свиркачот што му ги дал податоците бил избркан од МВР.
– И токму затоа пристигнаа нови докази за учеството на МВР и на ЈО дека од првиот ден, од 5 декември 2023 година се во тек со оружјето – рече Палевски.
Судот констатира дека на видеозаписите се гледаа обвинетите Палевски, Манев, Видевски и Кешишев. Сите во одредени моменти носат капчиња на главата и средства за комуникација, слушалки, микрофон.
Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска рече дека видео снимките се одземени при претрес на куќата на Манев на 3.12.2023, кога е одземен целокупниот уред со кој се поврзани камерите. Во таа содржина постојат видеозаписи од 20.11 до 3.12.2023 година.