Проектот „Безбеден град“ (Safe city) предвидува поставување фиксни камери на крстосниците, како и воведување возила со камери, кои ќе идентификуваат возила кои се непрописно паркирани или оставени на сообраќајни ленти, велосипедски патеки, тротоари и зелени површини.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека системот ќе биде функционален од 1 јануари 2026 година. Во периодот пред неговото целосно активирање, возачите ќе добиваат известувања за направени прекршоци, со цел да се зголеми свеста за сообраќајната безбедност.
Целта на проектот е да спречат сообраќајни несреќи и да придонесе кон подобрување на инфраструктурата, како што се проширување на крстосници, изградба на кружни текови и други сообраќајни решенија за побезбедни улици.
Дополнително, проектот има за цел да ја зголеми заштитата на велосипедистите преку изградба на нови велосипедски патеки, особено во општини како Чаир, каде што во моментов тие не постојат.
Поради недостатокот на велосипедски патеки на некои улици и непрописното паркирање на сообраќајни ленти, велосипедистите често немаат безбеден простор за движење. За таа цел, Тошковски најави дека ќе се користат возила со камери, кои ќе ги регистрираат прекршителите.
Прекршоците ќе бидат документирани, а на сопствениците на возилата ќе им бидат испратени известувања со цел да се подигне нивната свест за одговорно однесување во сообраќајот.
Во однос на електричните тротинети, министерот изјави дека се разгледуваат можни регулации и се надева дека наскоро ќе се дојде до соодветно решение.
Денеска се одржува јавна трибина во рамки на проектот „Безбеден град“, поддржан од УНДП, на која се дискутираат измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци.