Американските републикански сенатори поднесоа предлог-закон за целосно повлекување на САД од Обединетите нации, се наведува во документот објавен на веб-страницата на еден од авторите на законот, Мајк Ли.
„Претседателот треба целосно да го прекине членството на САД во ОН, како и во сите други органи, комисии, специјални агенции и други тела формално поврзани со ОН“, се наведува во нацртот.
Предлог-законот вклучува елиминација на финансирањето на ОН и нивните агенции, забрана за повторно влегување во организацијата без одобрение од Сенатот, како и одбивање на земјата да учествува во мировните мисии на ОН.
Како што изјави сенаторот Ли за Фокс њуз, ОН станаа „платформа за тираните да извршат напади врз Соединетите држави и нивните сојузници“.
Тој повика на намалување на финансирањето на ОН, за кои рече дека трошат пари за да ги поткопаат интересите на Вашингтон и да ги зајакнат неговите противници.
Ли, исто така, се сомневаше што постигнале ОН во текот на годините, посочувајќи дека и покрај сето свое внимание и пари, не успеале да спречат војни, кршење на човековите права и пандемии.
Потсетиме, на 4 февруари, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за преоценување на учеството на САД во ОН, велејќи дека организацијата е лошо управувана и не ја врши својата работа.
Покрај тоа, тој потпиша наредба за целосно прекинување на финансирањето на УНРВА, повлекување на САД од организацијата и Советот за човекови права на ОН и започнување забрзана истрага за активностите на УНЕСКО.
