Унгарија би можела да се спротивстави на продолжувањето на санкциите против Русија, и покрај притисокот од Брисел, бидејќи не сака да го загрози мировниот процес и разговорите меѓу Москва и Вашингтон, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. Дел од веќе воведените санкции против Русија мора едногласно да бидат продолжени од членките на ЕУ до 15 март, во спротивно тие ќе престанат да важат.
„Јасно е дека провоените европски политичари брзаат напред и се обидуваат да го отежнат мирот, бидејќи постојано се обидуваат да донесат одлуки во Брисел кои би можеле да го попречат мировниот процес“, рече министерот за надворешни работи Петер Сијарто во изјава за унгарските медиуми.
Унгарскиот министер за надворешни работи, кој моментално престојува во САД, ги даде своите коментари во светло на неодамнешните разговори меѓу делегации на високо ниво од Русија и САД за обновување на односите меѓу двете земји и завршување на војната во Украина.
„Ќе ја блокираме секоја одлука на Брисел што би можела да ги отежни овие преговори“, додаде тој, пренесува француската новинска агенција АФП.
Сијарто рече и дека неговата земја е под голем притисок од Брисел да го потврди продолжувањето на санкциите кои се во сила и не ја исклучи можноста Будимпешта да поддржи продолжување на санкциите пред крајниот рок, кој истекува на 15 март.
Дотогаш, 27-те членки на ЕУ мора едногласно да ги продолжат санкциите против повеќе од 2.400 руски поединци и бизниси, во спротивно тие ќе истечат.
Според дипломатите, членките на ЕУ во средата го договориле 16-тиот пакет санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина, а се очекува тие официјално да бидат усвоени од министрите за надворешни работи во понеделник, на третата годишнина од руската инвазија.
Унгарија, предводена од премиерот Виктор Орбан, често се противи на мерките на ЕУ против Русија или за поддршка на Украина. Во јануари, исто така, се спротивстави на новото продолжување на санкциите за шест месеци и се закани со блокада додека не добие соодветни гаранции за енергетската безбедност од Европската комисија.
Сијарто, исто така, на мрежата Х во четвртокот објави дека Унгарија се противи на новиот пакет воена помош на ЕУ за Украина. „Нема да ја поддржиме употребата на парите на европските даночни обврзници за продолжување на војната“, напиша унгарскиот министер.
Тој спомена помош во износ од 20 милијарди, иако предлогот предвидува воена поддршка на Украина во вредност од шест милијарди евра за поголем број артилериски ракети, системи за противвоздушна одбрана и обука на украински војници, наведува германската агенција ДПА.