Тетовец пријавил дека бил измамен од три лица кои го натерале да потпише документи во банка. Подоцна тој дознал дека осигурителна компанија бара од него да врати 350.000 денари кои му ги пратила за наводна претрпена штета во фиктивна сообраќајна несреќа.
СВР Тетово информираше за случајот:
„На 18.02.2025 во 11.50 часот во СВР Тетово, 42-годишник од Тетово пријавил дека бил измамен од С.А., А.Л. и А.„Н”. Според пријавеното, во текот на 2021 година го довеле во заблуда и во банка потпишал некои документи за што како поклон С.А. му дал 5.000 денари.
Како што е пријавено, на 25.09.2024 примил покана за судска расправа, каде дознал дека осигурителна компанија поднела тужба против него и две лица од с.Пирок и с.Копанце за наводно сторени кривични дела „измама“ и „фалсификување исправа“, односно дека осигурителната компанија пуштила 350.000 денари на негово име за претрпена штета при сообраќајна несреќа, во која наводно бил учесник, а подоцна бил прогласен за виновен и требало да ги врати парите, кои никогаш не ги подигнал.
Исто така, според пријавеното, тој никогаш не бил учесник во сообраќајна незгода, ниту пак имал повреди во сообраќајна незгода, така што смета дека целокупната документација која гласи на негово име била фалсификувана. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во полицискиот билтен.