Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун бара итна средба со премиерот и министерот за економија и труд, за да се разгледаат последиците од вчерашните одлуки на владата за скалесто намалување на маржите и ограничување на цените на ниво од 1 февруари за некои од прехранбените производи.
Трговците тврдат дека ваквите одлуки на владата го загрозува опстанокот на трговските претпријатија и предлагаат владата да ги земе предвид нивните предлози кои се аргументирани и се во согласност со Уставот и законите на државата пред да одлучи за мерките.
-Доставени се конкретни предлози, кои се одраз на реалната состојба. Овие предлози беа на барање на Владата. Тие имаат за цел да се обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено да не го загрозат опстанокот на трговските претпријатија. Овие компании се соочуваат со неизвесност во нивните идни инвестиции и активности, а истовремено се испраќа негативна порака до сите потенцијални инвеститори во дејноста – велат од Комората.
Комората забележува дека иако Владата најави дека мерката ќе опфати 1000 производи но реално се работи за многу поширока листа од 3000-4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни.
Според Комората нелогично е тоа што од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените.
-Логично е цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин – велат оттаму.
Трговците тврдат дека мерката на владата не ги заштитува социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе имаат потрошувачите со повисоки приходи.
-На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања – велат од Комората.
Оттаму наведуваат дека овој став на комората, од неофицијални извори, го делат или го поддржуваат сите компании што се занимаваат со трговска дејност. Овие компании вработуваат 4700 граѓани и нивното функционирање е од суштинско значење за економската стабилност на државата.