Либанската армија соопшти дека се распоредила во неколку погранични села на југот на земјата, по повлекувањето на израелските војници пред истекот на рокот според Договорот за прекин на огнот помеѓу Израел и Хезболах.
За потсетување, денеска завршува првата фаза од договорот за примирје помеѓу Израел и Хезболах.
Во соопштението се наведува дека либанската армија се распоредила во десетина села во координација со Комитетот, задолжен за следење на договорот за прекин на огнот и со привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) по повлекувањето на израелските сили.
Израелските сили се повлекоа од пограничните села во јужен Либан во вторникот, според крајниот рок наведен во договорот за прекин на огнот со посредство на САД, кој стави крај на последната војна меѓу Израел и Хезболах, објави Еј-Пи њуз.
Либанските војници се префрлија во областите од каде што израелските трупи се повлекоа и почнаа да ги расчистуваат блокадите, поставени од израелските сили, и да проверуваат дали има неексплодирани бомби. Тие го блокираа главниот пат што води до селата, спречувајќи ги луѓето да влезат додека војската бараше некаков експлозив оставен зад себе.
Повеќето од селаните чекаа покрај патот за дозвола да одат и да ги проверат своите домови, но некои ги тргнаа настрана блокадите за да влезат внатре. Многу од нивните куќи беа урнати за време на повеќе од едногодишниот конфликт.