На овој министерски состанок на НАТО слушнавме многу поразлична реторика од онаа на претходната средба на министрите за одбрана, но и од пораките од ланскиот Самит на Алијансата во Вашингтон, изјави за МИА министерот за одбрана, Владо Мисајловски, по завршувањето на денешното заседание на Северноатлантскиот совет во Брисел.
– Сега, со новата Администрација предводена од претседателот (на САД, Доналд) Трамп, имаме сосема различен контекст и различни контури и постојано се зборува за планот за мир, што јас апсолутно го поздравувам. Тие нови контури ќе значат преговори како да се стигне до мировно решение, но од друга страна и за сите обврски што ќе ги има Европа – потенцира Мисајловски.
Според него, сега се зборува за различни видови преговори, за она што било низ историјата, но и за тоа како најголемите сили да бидат предводници на напорите да се постигне мир во Украина.
– Реториката охрабрува дека може да се постигне мир во следниот период – додаде Мисајловски.
На средбата на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО се говорело и за зголемување на одвојувањата на средства од националните буџети за потребите на одбраната во наредниот период.
– Пред нас доаѓаат големи предизвици бидејќи треба да издвојуваме повеќе од 2% од БДП. Можевме да слушнеме и 3%, дури до 5% од новата Администрација на претседателот Трамп, што е сериозно за која било една земја. За сите земји во НАТО тоа е сериозна сума и само неколку држави можат да го постигнат тоа ниво од 5%’. Но, ќе даваме сѐ од себе за да ги модернизираме сопствените армии. Тука мислам на тоа како ние како држава максимално да се посветиме кон себе, што е многу важно – рече Мисајловски.
Министрите разговарале и за резултатите од поддршката за Украина во изминатиот период и дали со тоа се мотивирала Русија за дополнително сопствено производство и за зајакнување на капацитетите на ниво кое е поголемо од она на сите членки на НАТО во Европа заедно.
– Тоа се сериозни суми за кои се разговараше. Во тој формат се изнесоа доверливи информации што секој од нас треба да ги знае, како да се посветиме кон себе и максимално да се модернизираме и да покажеме дека ќе бидеме, се разбира, дел од фамилијата во НАТО што навистина ќе даде сѐ од себе за да има подобри структури внатре во земјата – додаде Мисајловски.
На состанокот се говореше и за потребата од зголемување и на одбранбеното производство, при што, според Мисајловски, тоа е дел од нашите обврски и цели што ги наметнува НАТО за наредниот период, што бара дополнителни средства за нивно постигнување, кои, како што рече, се сериозни пари.
– Денеска и во мојот говор кажав дека се разбира ќе има приоритет она што ние треба да го набавиме, но, исто така, треба да бидеме реални колку можеме да издвоиме. Треба, исто така, како држава да водиме сметка се повеќе да имаме наменско производство – нагласи Мисајловски.
За таа цел, според него, треба да се охрабрат нашите компании да се ориентираат кон воено производство во оние сегменти во кои можеме да бидеме интересна земја и на тој начин да привлечеме инвестиции.
– Исто така, како што прават многу земји, и државата вложува во тие капацитети за тоа производство, за да расте, бидејќи гледате какви предизвици се пред нас, зад нас, но и она што се очекува во наредниот период, секој да дава максимално како земја за да се зголемува наменското производство, да расте воената индустрија и да се зголемуваат капацитетите во сопствените држави – истакна министерот за одбрана.
Мисајловски потенцира дека сепак едно е модернизацијата што земјава мора да ја направи, но, исто така, мора да се подобрат и постојните капацитети на Армијата и на Министерството за одбрана.
– Не може, тоа постојано го говорам, постојано да се модернизираме со воена опрема, а да не гледаме какви ни се капацитетите. За жал, тие се оставени во многу лоша состојба и паралелно мора да работиме и како да имаме задоволна војска и задоволни вработени, а, се разбира, и да покажеме пред НАТО дека ќе дадеме сѐ од себе – потенцира Мисајловски.