Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска даде жестока изјава по инцидентот во Минхен каде 24-годишен бегалец од Авганистан со својот автомобил влетал во група луѓе. Според него, сторителот на нападот не заслужува никаква милост и мора да биде казнет, како и да ја напушти Германија.
– Овој човек нема право на помилување. Неговото дејство бара строга казна и итно мора да ја напушти земјата – изјави Шолц, откако 28 лица беа повредени во инцидентот, од кои едно дете е во сериозна состојба.
Инцидентот се случи утрово, околу 10:30 часот, кога возачот забрзал и налетал на демонстрантите кои се собрале на протест на покана на синдикатот Верди. Полицијата потврди дека нападот бил намерен.
Баварскиот министер за внатрешни работи, Јоаким Херман, потврди дека 24-годишниот возач претходно бил познат на полицијата поради дрога и кражби. Возачот е приведен, а полицијата уверува дека не претставува опасност за околината.