Колумбиската ѕвезда Шакира во Бразил ја почна најголемата турнеја во својата кариера. Нејзиниот прв концерт во Рио де Жанеиро, покрај изведбата на повеќе од 30 песни, го одбележаа и 13 различни модни комбинации.
Одржан на стадионот „Нилтон Сантош“, првиот концерт траеше повеќе од два часа. Светската турнеја носи назив „Жените не плачат веќе“ („Las mujeres ya no lloran“ – според новиот албум со ист наслов). Ова е прв од 24-те настапи што пејачката ги има закажано само во Јужна Америка. Таа притоа, се преслече вкупно 13 пати – за секој различен „блок“ од концертот, пренесуваат тамошните медиуми.
Меѓу модните парчиња, имаше креации на „Версаче“ по нарачка, меѓу коишто и сребреникавиот металик-костум од почетокот, и розов мини-фустан. Потоа, имаше и креација на индиската дизајнерка Анамика Кана, како и особено впечатливиот тесен и полупроѕирен комбинезон кој ги истакна облините на пејачката.
Пред околу 47.000 обожаватели и посетители, Шакира ја изведе „Inevitable“ и другите хитови од нејзиниот последен албум „Las mujeres ya no lloran“, со којшто годинава освои „Греми“ награда за најдобар латино-поп албум.
Концертот почна со песната „La fuerte“ и продолжи со: „Girl like me“, „Las de la intuición“ и „Estoy aquí“. Впечатлив миг беше она кога синовите на Шакира Саша и Милан ја следеа на екранот во изведбата на „Acrostico“. На репертоарот се најдоа и постари нејзини хитови: „Hips Don’t Lie”, „Whenever, Wherever”, „Ojos Así”, „Poem to a Horse”, „Don’t Bother”.