Белгија денеска е погодена од масовен генерален штрајк организиран од повеќе синдикати, што предизвика целосен хаос во транспортот, јавните услуги и администрацијата.
Сите летови од белгиските аеродроми се откажани, јавниот превоз е сериозно редуциран, а училиштата, поштенските услуги, комуналните претпријатија и затворските служби целосно престанаа со работа.
Незадоволството на синдикатите произлегува од најавените реформи и економската политика на новата Федерална влада, која со коалицискиот договор од 31 јануари планира:
– Намалување на буџетските трошоци за 23 милијарди евра во следните пет години
– Промени во даночната политика
– Зголемување на старосната граница за пензионирање
– Намалување на средствата за социјална заштита
– Протести низ земјата – очекувани десетици илјади демонстранти
Како дел од штрајкот, низ Белгија се одржуваат големи протестни маршеви. Само во Брисел се очекуваат околу 60.000 демонстранти.
Во знак на поддршка, штрајкот го поддржаа и контролорите на летање, што доведе до затворање на белгискиот воздушен простор од 06:45 до 22:15 часот. Сите авиони што минуваат над земјата мора да летаат на височина од над 7.500 метри и се контролирани од соседните земји.
Откажани се сите летови од и кон „Брисел-Завентем“, „Брисел Југ-Шарлроа“, како и аеродромите во Антверпен, Остенде и Лиеж.
Бриселското градско сообраќајно претпријатие СТИБ предупреди на „сериозни нарушувања“ во јавниот превоз, со целосно прекинати метро, трамвајски и автобуски линии. Во Фландрија има редукции, а во Валонија некои линии се целосно откажани.
За разлика од патниот сообраќај, возовите функционираат нормално, бидејќи железничарите решија да не учествуваат во штрајкот за да овозможат пристигнување на штрајкувачите на протестите во Брисел.
Покрај штрајкот, движењето во Брисел е отежнато и поради состанокот на министрите за одбрана на НАТО, почетокот на фестивалот „Брајт“ и фудбалскиот натпревар помеѓу Унион Сен Жилоаз и Ајакс.
Бриселската полиција им порача на граѓаните: „Размислете за работење од дома, патување со воз или алтернативни превозни средства“.