Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во блиска иднина би можел да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Саудиска Арабија, откако двајцата лидери вчера остварија телефонски разговор. Според Трамп, тие се согласиле дека е време за почеток на мировни преговори за Украина.
– Ќе се сретнеме во Саудиска Арабија. Време е да се стави крај на оваа бесмислена војна, која донесе толку многу смрт и уништување – изјави Трамп, предупредувајќи ја Украина да не очекува враќање во границите од пред 2014 година.
Кремљ го потврди разговорот, додавајќи дека Путин го поканил Трамп и во Москва, нагласувајќи дека е дојдено време за заеднички напори во насока на стабилизација на глобалната безбедност.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека разговарал со Трамп за можноста за „траен и одржлив мир“. Тој утре ќе се сретне со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во рамките на Минхенската безбедносна конференција.
– Никој не сака мир повеќе од Украина. Се договоривме да останеме во контакт и да планираме идни средби – изјави Зеленски по разговорот со Трамп.
Во исто време, група европски држави, меѓу кои Велика Британија, Германија и Франција, соопштија дека мора да бидат дел од било какви мировни разговори за иднината на Украина.„Подготвени сме да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина и остануваме посветени на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Ја делиме целта да ја поддржуваме Украина додека не се постигне траен, праведен и сеопфатен мир. Неопходни се силни безбедносни гаранции за Украина“, се наведува во заедничкото соопштение на министрите за надворешни работи на седум европски држави по нивната средба во Париз.
И Кина се понуди да биде домаќин на средбата
Кинеските власти во изминатите недели предложиле Пекинг да биде домаќин на средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, како и помош за мировните преговори за Украина, објави Волстрит џурнал, повикувајќи се на извори во Пекинг и Вашингтон.
Весникот наведува дека кинеските претставници преку посредници ги испратиле тие понуди до тимот на Трамп и не предвиделе учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски во преговорите меѓу Трамп и Путин.
Белата куќа досега не потврдила дали добила таква понуда од Кина.
Извори на весникот рекоа дека предлогот на Пекинг да помогне да се постигне договор меѓу Русија и Украина конкретно го нагласува вклучувањето на Кина како „гарант“ со испраќање мировни сили во регионот.