Десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD) повторно доби милионска донација, овој пат од имот наследен од приватно лице, објавија во средата германските медиуми.
Според финансискиот извештај на партијата, АфД наследила речиси шест милиони евра од пензионер од Берлин, а во исто време на АфД и биле префрлени две куќи вредни над четири милиони евра.
Неодамна, AfD доби над два милиони евра од поранешниот функционер на Слободната партија на Австрија (FPÖ), Герхард Динглер. Но, не се работеше за пари, туку за подарок во вид на изборни плакати.
По падот на актуелната влада на почетокот на ноември, зголемен е бројот на донации за сите парламентарни партии во Германија.
Најмногу донации прими Христијанско-демократската унија (ЦДУ), а на нејзината сметка од ноември легнаа 6,5 милиони евра донации. Второто место го делат АфД и Либерално-демократската партија (ФДП) со по 4,8 милиони евра. Владејачките социјалдемократи добија 2,5 милиони евра.
Овие суми се однесуваат само на донации од над 35 илјади евра, кои партиите се обврзани да ги пријават пред комисијата за финансии на Бундестагот. Традиционално, левичарските партии добиваат многу помали донации кои се видливи само од годишните финансиски извештаи на партиите, кои се објавуваат по две години.
Според последниот финансиски извештај од 2023 година, евидентно е дека АфД ја зголемила својата актива од 23 на 38 милиони евра во однос на претходната година.
ЦДУ и ФДП, партиите традиционално познати како партии на богатите и претприемачите, забележаа зголемување на донациите откако беа распишани предвремените парламентарни избори за 23 февруари.
ФДП во моментов е под изборниот праг од пет проценти во анкетите на јавното мислење.
Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ и нејзиниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц продолжуваат да водат по популарност со околу 30 отсто од гласовите. На второ место е АфД со околу 20 отсто, а потоа СПД и Зелените со околу 15 отсто.