Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, вчера ја добила интерпелацијата што против неа ја поднесоа 67 пратеници во Собранието, но сè уште нема изграден став, затоа што прво треба да ја анализира содржината.
– Интерпелацијата, која е поднесена во Собранието, ја добив доцна во текот на вчерашниот ден и сум во фаза на анализирање на причините и, генерално, на нејзината содржина. Во моментот кога ќе го изградам мојот став, сигурно и на јавноста ќе ѝ биде соопштен. Јавноста нема да остане без моето произнесување – рече Дамова.
Во врска со очекувањето на премиерот Христијан Мицкоски членовите на Судскиот совет да бидат доблесни и сами да поднесат оставки доколку Собранието ги изгласа интерпелациите, Дамева без конкретен одговор.
– Оставката е личен чин и се поднесува само во случај ако постојат оправдани причини за тоа – рече таа Дамева.
Членот на Судскиот совет, Тања Чачарова Илиевска рече дека ја примила интерпелацијата и најави дека ќе одговори на истата. Таа нема конкретен одговор дали ќе понесе оставка, бидејќи интерпелацијата не го наложува тоа, но доколку се изгласа недоверба, тоа ќе значи дека тие кои ја избрале веќе не сметаат дека треба да биде дел од највисокото судско тело.
– Ја примив интерпелцијата вчера, за став не сум подготвена сега. Ја прочитав, но немав можности за добро да ја разгледам. Ми падна во очи дека тоа не е за интерпелација на Тања Чачарова Илиевска во Судскиот совет, туку упатува за интерпелација на целиот Судски совет. Упатува на колективна одговорност. Јас кажувам дека одговорноста мора да биде индивидуална иако Судскиот совет е колективно тело. Ние сите гласаме, и зависно на секој засебен глас се носи одлука – рече Чачарова-Илиевска.
Во врска со тоа дали ќе поднесе оставка, таа рече дека прво треба добро треба да ја анализира интерпелацијата.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, официјално ги извести 5-те членови на Судскиот совет кои се избрани од Парламентот – Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска, Милазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми, дека е побарана интерпелација за нив.