Повеќе од 20.000 семејства ќе добијат чиста струја

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Почнува процесот за изградба на фотоволтаичната централа „Битола 2“ и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“. ЕСМ и германската КфВ банка денеска потпишаа проектни договори со кои го официјализираа кредитот земен лани од 55 милиони евра со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс период од 5 години.

– Инвестицијата е вредна 55 милиони евра од кои 47,3 милиони евра се за фотоволтаичната централа „Битола 2“, а 7,7 милиони евра за втората фаза од Ветерниот парк „Богданци“ – рече премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по потпишувањето на договорите.

Тој информира дека фотоволтаичната централа „Битола 2“ ќе се гради во рамките на РЕК Битола и ќе има инсталиран капацитет од 50 до 60 мегавати и ќе произведува околу 80 до 90 гигават часови електрична енергија годишно зависно од сончевата енергија што е доволно за напојување на 20.000 домаќинства. Со оваа централа ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно.

– Со втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“ е предвидена изградба на дополнителни 4 ветерни турбини, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за 13,6 мегавати. Со тоа вкупната инсталирана моќност на првиот дел од проектот заедно со вториот ќе биде повеќе од 50 мегавати, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 гигават часови, зелена енергија – рече Мицкоски.

Регионалниот директор на канцеларијата на германската КфВ банка за Скопје и за Приштина, Мориц Реме рече дека е задоволен што Банката финансира и втор енергетски проект во земјава покрај Ветерниот парк „Богданци“.

– Тој проект е комерцијално успешен, а денеска е и ден кога него го поврзуваме со нов значаен проект каков што е фотоволтаичната централа „Битола 2“, првиот македонско-германски соларен парк во Битола – рече Реме.

Генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев информира дека се очекува двата проекта да бидат готови во 2027 година.

– Двете нови електрани ќе ни овозможат зголемување на домашното производство на зелена енергија и забрзување на патот кон наша целосна енергетска независност. Тие ќе ни овозможат и побрзо достигнување на европските норми за емисии на стакленички гасови, односно обезбедување здрава животна средина и почист воздух за граѓаните – рече Узунчев.

Share This Article