Новата компресорска станица за хируршките клиники во комплексот клиники „Мајка Тереза“ денеска официјално беше пуштена во употреба. Овој значаен проект има за цел да го подобри функционирањето на операционите сали и да стави крај на долгогодишните проблеми со дотраената опрема.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, изрази задоволство што, покрај континуираните инвестиции во реновирања и набавка на опрема, конечно е решен и овој клучен проблем. Тој нагласи дека и старата компресорска опрема сè уште функционира, што ќе спречи евентуални потешкотии како оние од минатата година.
– Станицата веќе е во употреба, целосно тестирана и усогласена со сите стандарди – истакна Таравари во изјава за медиумите.
Тој додаде дека сите хируршки сали што се поврзани со системот ќе можат непречено да ја користат новата станица, а по потреба, и други сали ќе можат да се приклучат.
Изминатата година, во мај, операционите сали во Клиничкиот центар беа затворени поради непријатна миризба, што доведе до пренасочување на итните интервенции во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ и Градската општа болница „8 Септември“. Компресорската станица, која беше изградена пред 33 години, требаше да биде заменета уште пред три години, а нефункционирањето на оперативниот блок претставуваше сериозен проблем за македонското здравство.