Полицијата во Загреб покрена истрага против 39-годишен маж поради сомнение дека сторил четири кривични дела кражба, како и ширење и пренесување на заразни болести.
Осомничениот Ј.О.(39), српски државјанин, на 25 јануари околу 16 часот го виделе сведоци како се приближува до киоск на улицата Хрговиќи. Потоа го отвора фрижидерот во киоскот, зема шише со вода, со шприц вбризгува нешто во него, а потоа заминува, јавува Н1.
Според медиумот, сето тоа го видело едно лице, па шишето веднаш било извадено од фрижидерот, заедно со сите други шишиња кои биле во него. Веднаш била повикана полиција и сите шишиња се испратени на токсиколошко испитување, чии официјални резултати за евентуална контаминација и дополнително комплетирање на кривичната пријава се уште се чекаат.
Според информациите на Јутарњи лист, мажот имал хепатитис.