Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека премиерот на Косово, Албин Курти, секогаш има наполнета пушка и сака да пука во Србите и дека светот сега се повеќе го разбира тоа, објави српскиот портал Политика.
– Курти цело време има наполнета пушка и сака да пука во Србите, што и го направи. И сега поголемиот дел од светот го разбира тоа. Проблемот е што добар дел од западниот свет му гледа низ прсти, тој е нивно дете. Што и да направи, ќе го лулаат – одговори Вучиќ на ТВ интервју на РТС на прашањето како ја гледа пораката на Курти дека „ако имаш лош сосед, (мислејќи на Србија), мора да имаш висок морал и наполнета пушка“.
Тој оцени дека поради ова Курти може да има само сериозни проблеми со новата американска администрација која може да биде надеж за Србија и за прашањето за Косово, но и за прашањето на Република Српска.
– Зошто? Затоа што таа нова американска администрација не му припаѓаше ниту на Бил Клинтон ниту на Џорџ Буш. Без разлика што некои се демократи, а други републиканци, тие не го живеат животот од 1990-те. И тоа може да биде нашата надеж и за зачувување на Република Српска – рече Вучиќ.
Тој изјави и дека е многу загрижен за постапката против претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
– Ако мислат дека треба да донесат пресуда до крајот на февруари, можете да замислите што нѐ чека во март потоа – рече Вучиќ.
Тој изрази надеж дека сите ќе можат добро да размислат, да се зачуваат мирот и стабилноста, особено внатрешната стабилност на земјата.