Кина изрази жалење, САД ја поздравија одлуката

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Официјален Пекинг денеска изрази „длабоко жалење“ поради одлуката на Панама да се повлече од кинеската инфраструктурна иницијатива „Еден појас, еден пат“. Овој потег следуваше само неколку дена по посетата на американскиот државен секретар Марко Рубио на оваа централноамериканска држава.

„Еден појас, еден пат“ е централна стратегија на Кина за проширување на своето глобално економско и инфраструктурно влијание. Преку овој проект, во кој се вклучени над 100 држави, се инвестира во изградба на патна, железничка и поморска инфраструктура, главно во земјите во развој, со цел да се обезбеди стабилен транспорт на кинески стоки.

Панамскиот претседател Хосе Раул Мулино вчера официјално ја потврди одлуката за повлекување на неговата земја од проектот, неколку дена по средбата со Марко Рубио, чија цел беше да го ограничи кинеското влијание врз Панамскиот Канал.

– Кина силно се спротивставува на притисокот и присилата од страна на САД, кои имаат за цел да ја нарушат и да ја поткопаат соработката на овој проект. Длабоко жалиме што Панама одлучи да не го обнови меморандумот за соработка со Кина – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џианг.

Претседателот Мулино изјави дека панамската амбасада во Пекинг веќе поднела официјално известување за повлекувањето од иницијативата, кое стапува во сила за 90 дена. Според договорот, меморандумот за соработка се обновува автоматски на секои три години, но секоја од страните може да го раскине со три месеци предизвестување.

Претседателот Мулино посочи дека не му е јасно што го мотивирало неговиот претходник, Хуан Карлос Варела, да го потпише договорот со Кина во 2017 година, изразувајќи сомнеж за неговата корист за Панама.

Марко Рубио ја поздрави одлуката на Панама, нарекувајќи ја „голем чекор“ во јакнењето на односите со Вашингтон.

Share This Article