Каде се 100 милијарди помош за Украина од САД? Изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека војската на неговата земја добила само дел од ветената американска помош ги крена на нозе фактечекерите. Украинскиот лидер за Асошиетед прес изјави дека земјата добила околу 75 милијарди од 175 милијарди долари.
Критичарите на американската помош веднаш почнаа да коментираат дека парите се злоупотребени или испрани преку корупција.
„(Зеленски) штотуку ја фрли целата операција на перење пари во Украина под автобус … со изјавата дека добил помалку од половина од преку 177 милијарди долари помош испратена од Соединетите држави“, се вели во една објава на Фејсбук.
Милијардерот Илон Маск, сподели слично тврдење, кое доби повеќе од 25 милиони прегледи.
„Што ако 58 отсто од доларите на американските даночни обврзници испратени до Зеленски никогаш не стигнале во Украина? Каде отидоа парите? Дали ЦИА зеде дел?“, се вели во објавата што ја сподели на 2 февруари.
Но, изјавите на Зеленски дадени во интервјуто на Асошиејтед Прес не се доказ за перење пари, туку се совпаѓаат со податоците за јавните податоци за трошењето на САД, пишува ПолитиФакт.
„Голем дел од парите што САД ги посветија за помошта во Украина се трошат во САД за домашни производители на оружје и за операции на американската војска и влада. Директната воена поддршка за Украина изнесуваше околу 70 милијарди долари од 175 милијарди долари што Конгресот ги присвои. Парите не се перат, туку се трошат како што планира Конгресот“, се вели во анализата а порталот.
Објавата на Фејсбук со коментарот за „перење пари“ беше означена како дел од напорите на Мета да се бори против лажните вести и дезинформациите на почетната страница на Мета.
Маск, кој има водечка улога во администрацијата на претседателот Доналд Трамп, ја критикуваше американската помош за Украина и на други места.
Водејќи го Одделот за владина ефикасност, невладина советодавен одбор кој Трамп го задолжи за намалување на федералните трошоци, Маск доби пристап до платниот систем на американското Министерство за финансии и работи на затворање на американската Агенција за меѓународен развој, независна владина организација кодифицирана со закон која обезбедува хуманитарна помош и помош при катастрофи во странство.
– Замрзнувањето на најголемиот дел од странската помош не ја запре американската воена помош за Украина – рече Зеленски на 25 јануари.
Но, хуманитарните организации во Украина мораа да ги прекинат услугите бидејќи нивното финансирање престана, напиша „Њујорк Тајмс“.
Колкав дел од парите се за воени пратки, а колку за буџетска поддршка?
ПолитиФакт во својата анализа дава подетален преглед пишувајќи дека тврдењата за перење пари во Украина не држат вода.
„Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, Конгресот усвои пет нацрт-закони за помош на воените напори на Украина, во вкупна вредност од речиси 175 милијарди долари. Дополнителни средства беа обезбедни преку извршни наредби.
Сепак, тие пари не беа директно доставени до владата на Украина. Aнализата на американскиот Совет за надворешни односи покажува дека од 175 милијарди долари што Конгресот ги присвоил, околу 100 милијарди долари помош ѝ се испраќаат на Украина“, се вели во написот.
Најголемиот дел од парите се трошат во САД
Советот за надворешни односи соопшти дека и со остатокот се финансираат активностите на САД поврзани со војната и со другите земји во регионот.
„Помошта за Украина доаѓа главно како пратки со оружје и друга воена поддршка. Само околу 33 милијарди долари беа посветени на директна буџетска поддршка“, објави Советот за надворешни односи.
Околу 70 милијарди долари од вредноста што оди директно во Украина е во оружје, опрема и друга воена поддршка.
„Голем дел од парите за поддршка на воените напори на Украина се трошат во САД“, напиша Марк Кансијан, аналитичар од Центарот за стратегиски и меѓународни студии, во анализата од 2023 година.
Целата сума или парите што досега биле исплатени?
Во истиот напис тој вели дека „сомашните производители на оружје одат да произведуваат оружје за Украина и да ја заменат опремата што веќе била испратена од американските резерви. Финансирањето на американските агенции, поголемиот дел од финансирањето на американските воени сили, најголемиот дел од воената опрема и купувањето на украинска опрема, како и дел од хуманитарната помош остануваат во Соединетите држави“.
Исто така, сè уште не се потрошени сите пари посветени на Украина, а Зеленски на снимката се чини дека разговара за финансирањето што земјата го добила до денес. Според „Special Inspector General for Operation Atlantic Resolve“, збирот на агенции кои вршат надзор на финансирањето на Украина, 86,7 милијарди долари од 130 милијарди долари обврзани за Украина биле исплатени до 30 септември 2024 година.
Што рече Зеленски во интервјуто?
Во интервјуто за Асошиетед Прес, Зеленски рече дека вистинската воена помош што Украина ја доби во борбата против војната е помала од највисоката бројка за долар во пакетите за помош. АП објави делови од интервјуто, но канцеларијата на Зеленски го објави целото едночасовно видео на својата страница на Јутјуб на украински.
Клип од тоа интервју се прошири на социјалните мрежи со натписи на англиски јазик. Видеото има етикета од „@Smotri_Media“, руска група на Телеграм. Во преводот на клипот на англиски, Зеленски рече дека земјата добила „нешто над“ 75 милијарди долари воена помош. Тој истакна дека и други институции освен војската добиле помош од САД.
– Сто милијарди (долари) од овие 177, или 200, некои луѓе дури велат, ние никогаш не сме добиле. Зборуваме за конкретни работи, бидејќи не го добивме со пари, туку со оружје. Добивме 70 милијарди долари од тоа. Има обука, има дополнителен транспорт. Нема само цени за оружје, имаше хуманитарни програми, социјални и така натаму – рече Зеленски, ако се суди според преводот на клипот.
Парите се трошат како што сака Конгресот
Политифакт пишува дека „не е јасно што точно вклучил Зеленски во неговата пресметка за воената поддршка што Украина ја добил, но неговите коментари се усогласуваат со јавните податоци за тоа како се троши помошта за Украина. Парите не недостасуваат, ниту се испрани, како што тврдеа некои објави“.
Понатаму во анализата се вели:
„Парите се трошат како што сакаше Конгресот: за производство на оружје на САД, невоена поддршка во Украина и поддршка на други места во регионот. Сепак, тоа не значи дека украинската помош никогаш не е присвоена.
Во 2024 година, безбедносните служби на Украина ги испитуваа украинските службеници од одбраната за наводна корупција при купување оружје од 40 милиони долари. Но, изјавите на Зеленски не се доказ за широко распространета измама или за перење пари во помошта за Украина“.
Што покажаа ревизиите на институциите во САД за помошта?
Генералните инспектори од одбранбените и државните департмани и Американската агенција за меѓународен развој ја надгледуваа помошта за Украина и објавија десетици ревизии и проценки на програмите за финансирање од 2022 година.
Нивниот преглед не откри широко распространета злоупотреба на помошта за Украина. Стејт департментот на САД во август соопшти дека „нема веродостојни докази за недозволено пренасочување на одбранбената опрема обезбедена од САД, директна буџетска поддршка или хуманитарна помош од Украина“.
Работната група за истрага за измама и корупција, под надзор на специјалниот генерален инспектор за Украина, отвори 61 истрага и затвори 30 од нив од јули до септември 2024 година.
Дали држат вода коментарите на изјавата на Зеленски?
Во објавите на социјалните мрежи се тврди дека Зеленски „ја фрлил целата операција на Украина за перење пари под автобус“. Зеленски рече дека Украина добила само околу 75 милијарди долари воена помош од 175 милијарди долари што САД ги посветија на помошта за Украина.
Според Политифакт, „тоа е во согласност со она што го забележале истражувачите кои го надгледуваат финансирањето на Украина. Голем дел од парите останале во САД, а помал дел отишле во други земји во регионот. Ние ги оценуваме како лажни тврдењата дека коментарите на Зеленски се доказ за операција за перење пари“.