По големиот број пристигнати пријави за подметнати експлозивни направи во основни и средни училишта низ државата, Министерството за внатрешни работи презема сеопфатни мерки за утврдување на вистинитоста на дојавите и одржување на јавниот ред и мир.
„Надлежните служби дејствуваат според внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување. Се вршат детални проверки, а паралелно се координираме со безбедносно-разузнавачките служби преку формиран оперативен штаб“, информираат од МВР.
Од досегашните активности, надлежните утврдиле дека станува збор за лажни пријави. Министерството апелира до граѓаните да останат смирени и да се воздржат од ширење непроверени информации.
„Овие лажни дојави беа регистрирани и во други земји од регионот, а нивната цел е да предизвикаат вознемиреност. Ги повикуваме граѓаните на смиреност и да не подлегнуваат на дезинформации“, порачуваат од МВР.
Инаку утрово во повеќе градови имаше пристигнато пријави за поставени бомби во образовни институции.
Дојава за бомба, утрово имало во неколку училишта во Аеродром, како и во две училишта во Штип.
Во некои училишта, по извршените проверки од страна на МВР, наставата е продолжена.
Според соопштението на Општина Центар, утринава во ООУ „Киро Глигоров“ , ООУ „Димитар Миладинов“ и ООУ „ Гоце Делчев“ во Општина Центар биле добиени дојави за поставени експлозивни направи.
Веднаш по приемот на пријавите, полицијата излезе на терен и презеде мерки за безбедно евакуирање на учениците и вработените.
Во ООУ „Димитар Миладинов“ биле извршени детални антитерористички проверки, при што е утврдено дека станува збор за лажни дојави, па наставата продолжила редовно. Во ООУ „Киро Глигоров“, учениците беа навремено евакуирани, а наставата е прекината до завршување на целосниот увид. Во ООУ „Гоце Делчев“ каде денеска се прославува патронат и децата се ослободени од настава , во тек е полициска проверка.
Во речиси сите основни и средни училишта во Штип утринава има дојави за бомби по електронски пат. Учениците се евакуирани и има проверки на објектите од страна на полицијата. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека станува збор за лажни дојави на бомби.
– Наставата продолжува да тече, нормално пријавено е во сите релевантни институции, СВР-Штип се на терен во сите училишта да ги извршат своите потребни контролни мерки. Ве уверувам дека станува збор за сајберски напад, кој има цел да предизвика немир кај наставниците и учениците и прекин во наставата – вели Јорданов.
Дојави за бомби има пријавено и во училишта во Охрид и во Куманово. Во едно основно училиште во Куманово во населбата Карпош имало дојава за наводно поставена бомба потврдија од СВР Куманово. Од полицијата потврдија дека антитерористичките единици на МВР вршат проверки. Учениците се пуштени дома, информираа родителите од училиштето „Магдалена Антова“.Од СВР Куманово најавија детали во текот на денот.
Портпаролот на СВР Тетово потврди дека имало дојави за бомби во повеќе образовни институции во тетовско-гостиварскиот регион.