Сведокот Гоце Трајковски денеска ќе биде спроведен од притвор во Кривичниот суд, за да сведочи во процесот за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. За злосторствата се обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, а Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.
Сведокот Гоце Трајковски му е кумашин на таткото Александар Ѓорчевски, кој му помагал во приватната потрага по неговата ќерка во деновите по грабнувањето. Му набавувал снимки од камери за видео-надзор и заедно ги анализирале. Трајковски и неговата мајка Кираца Трајковска, според нејзиното сведочење, први го поврзаа исчезнувањето на Вања и цитроенот на Панче.
Тој е последен сведок на предлог на Обвинителството, од групата сведоци блиски до семејството на Вања. Не сведочеше во времето кога се испитуваа и другите сведоци, затоа што првиот пат, на 15 ноември 2024 година, наводно имаше паничен напад, а потоа беше во бегство затоа што на 13 ноември запалил угостителски објект во Кисела Вода. На 23 јануари 2025 година сам ѝ се предаде на полицијата и оттогаш е во притвор.
Што ново може да открие сведочењето на Трајковски?
Тој е сведок на Обвинителството, кое се труди да докаже дека мотивот за грабнувањето на Вања е користољубие, за да се изнудат пари од нејзин близок член на семејството, а таткото Александар помагал во грабнувањето со тоа што на грабнувачите им дал информации кога неговата ќерка излегува од дома, за да оди на училиште. Од друга страна, и одбраната на Александар Ѓорчевски очекува дека со сведочењето на Трајковски ќе се докаже нивното тврдење дека Александар е невин и во деновите по грабнувањето интензивно ја барал неговата ќерка, на сите можни начини.
Гоце Трајковски, иако стар кум на Александар, не комуницирал со него со години. По грабнувањето на Вања, Гоце кај Александар го испратила мајка му Кираца Трајковска, со цел да им помогне на Александар и на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска.
Трајковска, во своето сведочење рече дека Александар и Гоце од вториот ден тргнале по улиците да бараат камери. Гоце влегувал во кафулиња, во распаднати куќи во Дебар Маало.
– Два дена се бараше девојчето на снимки, за да се види пешки дали ја има, а третиот ден решија да бараат коли. На една снимка видоа издувни гасови од кола која тргнува во тој момент, и бело возило пикап пред тоа возило. Кога ја најдоа сомнителната кола, најдоа информација дека е исчезнат Панче Жежовски. Гоце провери преку пријатели, дозна каква кола има Жежовски, дека е истата боја како на снимките што ги гледавме. Ние се посомневавме во Жежовски. Помисливме дека тој ја зел, му ги проверив сите профили на Фејсбук… сешто помисливме, да се извинам на семејството на Жежовски. Јас го поврзав со еден мој роднина од Велес, јас сум по мајка велешанка, најдовме и други снимки – сведочеше мајката на Гоце, Кираца Трајковска.
Откако сведокот Гоце Трајковски стана недостапен за органите на прогонот, бранителот на Александар, адвокатот Владимир Туфегџиќ побара да се прочита неговиот исказ даден во Обвинителството за време на истрагата. Но, судијата Ивица Стефановски одби, во надеж дека сведокот Трајковски ќе биде обезбеден до крајот на доказната постапка.
Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска по последното рочиште изјави дека имаат да изнесат уште докази.
– Останаа уште докази во врска со првиот обвинителен акт против тројца обвинети. Не се изведени доказите против Љупчо Палевски – рече таа.
Четворицата извршители, првообвинетиот Палевски и Манев, Видевски и Кешиев, се обвинети дека на 22 ноември 2023 година го грабнале и го убиле со пиштол велешанецот Жежовски и му го зеле цитроенот. На 27 ноември 2023 година со цитроенот ја грабнале Ѓорчевска, со цел да изнудат пари, но ја однеле во околината на Бразда и ја убиле со истрел во главата.