Албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли како неточни зачестените информации дека во Албанија ќе бидат сместени Палестинци, одговарајќи на прашање на граѓанин во неговиот поткаст „Очи во очи“.
На прашањето дали се вистинити информациите за доаѓањето на Палестинците во Албанија, по иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за нивно раселување од Газа, Рама го отфрли тврдењето, нарекувајќи го трик од „мочуриштето“.
– Значи, дојде глас од мочуриштето, не, тоа не е вистина. Трик што го фати својот пат, како што обично прават триковите. Кога вистината сè уште не ги облекла панталоните, лагата го обиколи светот. Ова е денес нашата реалност и секојдневие – рече Рама.
Сето тоа, додаде, е „благодарение на мочуриштето“, алудирајќи на опозицијата.