Постојат разни опасности, поврзани со производите на кинеската онлајн платформа „Тему“, како што неодамна предупреди едно германско трговско здружение, кое по спроведената истрага за безбедноста на производите, излезе со загрижувачки резултати. Имено, истражувањето покажало дека некои производи од оваа платформа можат да претставуваат сериозна опасност за корисниците.
Германското здружение ФСА одлучи да го провери квалитетот на производите што се продаваат преку платформата, позната по екстремно ниските цени и по агресивниот маркетинг. Во рамките на истрагата биле направени тест набавки, а производите потоа биле подложени на детално тестирање. Резултатите покажале значителни безбедносни пропусти, особено кај ремените и кај јамките за врзување, објави Јуро сикјурити.
Тестираните производи покажале деформација, намалена јачина и драстичен пад на силата на кршење, што може да претставува сериозен ризик за корисниците. Дополнително, откриена е злоупотреба на ознаките „ЦE“, кои се задолжителни за производите на пазарот на Европската Унија, при што се утврдени неточни или целосно изоставени ознаки за максималното работно оптоварување, како и неправилно кодирање на боите.
Посебно загрижува фактот што повеќето производствени дефекти не можат да се видат со голо око, што дополнително го зголемува ризикот за потрошувачите. Трговското здружение во својот извештај посочува дека не се гарантира обезбедување квалитет и усогласеност со европските стандарди за производите од платформата „Тему“. Оттаму предупредуваат дека овие производи можат да претставуваат сериозен ризик за безбедноста и за здравјето на корисниците.
Поради овие сознанија, трговското здружение ја известило владата во Дизелдорф и побарало итни мерки за да се спречи продажбата на небезбедни производи. Здружението, исто така, ја повикало платформата „Тему“ да преземе одговорност и да се погрижи производите што ги нуди да не ги загрозуваат потрошувачите.
Додека расте незадоволството во САД откако американската поштенска служба (USPS) објави дека привремено ги суспендира дојдовните пакети од Кина и од Хонг Конг, пакетите од „Тему“ во Европа пристигнуваат без проблем. Поради ниските цени, сѐ повеќе граѓани купуваат производи за широка потрошувачка во овие онлајн продавници. Кинеската онлајн платформа „Тему“ за кратко време го освои светот.