Русија го поздравува ставот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изрази разбирање за загриженоста на Москва во врска со пристапувањето на Украина во НАТО, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Трамп во јануари изјави дека ја разбира позицијата на Русија дека Украина не треба да биде дел од НАТО и го обвини тогашниот демократски претседател во заминување Џо Бајден за наводната промена на позицијата на САД за членството на Украина во НАТО.
– За првпат, во еден од своите први говори, истовремено критикувајќи ја позицијата на администрацијата на Бајден за украинската криза, претседателот Трамп отворено кажа дека една од главните грешки е вовлекувањето на Украина во НАТО – рече Лавров.
Тој додаде и дека „за првпат проблемот со НАТО е препознаен како нешто за што САД се подготвени сериозно да разговараат“.