Шпанските министри одобрија намалување на работната недела од 40 на 37,5 часа без намалување на платите, по договор со синдикатите, но без поддршка од најголемите здруженија на работодавачи.
На 5 февруари, Советот на министри го усвои предлог-законот што двата најголеми синдикати (CCOO и UGT) го опишаа како историска мерка од која потенцијално би можеле да имаат корист 12 милиони работници.
Министерката за труд Јоланда Дијаз рече дека тоа е историски ден и дека тоа е прво намалување на работното време во изминатите 40 години.
„Тоа не е само уште една економска променлива, туку проект за земјата и мерка за модернизација на Шпанија“, рече Дијаз, лидер на левичарската алијанса Сумар.
Од друга страна, најголемото здружение на работодавачи CEOE го отфрли предлог-законот и повика на постепено намалување на работното време и колективно договарање.
Тие сметаат дека мерката најмногу ќе ги погоди малите бизниси и самовработените, пренесува бриселски Еурактив.
Владата на Педро Санчез тврди дека најголема корист ќе имаат работниците кои не се опфатени со колективни договори, што е најзастапено во секторите трговија, услуги и угостителство.
Предлог-законот треба да биде усвоен од парламентот, каде владата на Санчез ќе треба да ја обезбеди потребната поддршка, што не е лесна задача.
Законот може да се најде пред пратениците кон крајот на февруари или почетокот на март.