Во битолското обвинителство наредната недела ќе биде извршен распит на Сашо Дранго, заменик директор на ЈП Македонија Пат, за случајот со убиената мечка со која тој вооружен со пушка со снајпер направил фотографија.
-Основното јавно обвинителство Битола издаде повеќе наредби за испитување на настанот. По наредбите се постапува. Пријавениот е повикан на распит пред јавен обвинител следната недела, одговорија од обвинителството.
Оттаму не одговорија каде по фотографирањето е однесено животното од законски заштитен вид и е строго забранет лов.
Фотографиите на кои покрај убиена мечка позира заменик-директорот Дранго облечен во ловечка опрема и вооружен со пушка беа објавени на почетокот на јануари.
Функционерот тогаш за Телма тврдеше дека тој не ја убил мечката туку како заменик бил повикан за да помогне во нејзино отстранување од пат кај битолско Ротино каде што наводно таа била удрена од возило. Тоа било еден месец пред отварањето на истрагата и тој се сликал со убиената мечка по што се “пофалил” со пленот преку пораки и социјални мрежи.
СВР Битола пак соопшти дека за периодот на кој се однесува фотографијата немало никаков пријавен инцидент со прегазено животно на пат. Обвинителство отвори истрага за Дранго кој се уште е функционер.
По инцидентот беше објавено и дека на Дранго пред 6 години му била одземена дозволата за носење на оружје поради прекршување на законите.
Сашо Дранго беше избран за заменик директор на “ЈП Македонија пат” по предлог на ВМРО-ДПМНЕ по промената на власти лани. На веб сајтот на ДКСК се уште го нема неговиот анкетен лист за имот и интереси иако помина законскиот рок за негово поднесување и објавување.
На веб сајтот на Македонија пат нема ниту фотографија ниту биографија од заменик директорот кого јавноста го запозна пд фотографија со убиена мечка.