Износот на минималната плата треба да го договорат работодавците и синдикатите. Владата не се меша во тој процес, само е фацилитатор и демантирам дека Владата нешто отфрлила или прифатила на вчерашната седница на Економско-социјалниот совет, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со тоа што вчера не „падна“ договор за нов износ на минималната плата.
– Ставот на Влаата е дека ќе поодржиме сè што ќе се договорат и усогласат сидикатите и работодавците. И на државата ѝ одговара повисока минимална плата, оти, тоа ќе значи повеќе приливи во буџетот – рече Мицкоски.
Тој откри дека, сепак, вчера одбил еден предлог.
– Од еден од партнерите беше даден предлог за минимална плата, предлог кој потекнува од една од коморите, не сакам сега да споменувам која, според кој минималната плата да биде 31.500, а да се плаќат придонесите на сегашната минимална плата. Тоа од мене беше одбиено. Тоа не е во согласност со закон, невозможно е да се имплементира. Ние сите уплаќаме придонеси за зравствено и за пензиско осигурување, за да ги имаме. Владата предвиде зголемување на парите во Фондот за здравствено осигурување, за да добијат граѓаните нега каква што заслужуваат, а имаме трансфери и кон Фондот за пензиско осигурување, за да имаат солидна пензија. Така што, таа логика со трикови за помали придонеси, а поголема минимална плата, ќе донесе тотална дисторзија во системот – рече премиерот Мицкоски.