Следната недела ќе биде објавен втор повик со кој ќе бидат поддржани капитални инфраструктурни проекти на општините, откако Владата денеска на седница ја почна постапката за повикот со којшто ќе бидат на располагање средства во износ до 15 милијарди денари.
– Критериумите за учество во најголем дел ќе бидат исти како и за првиот, но и олеснети во поглед на рокот за поднесување документи и за почнување на постапката за јавна набавка. Ќе се одлучува врз основа на два критериума: по глава на жител на резидентно население во секоја општина согласно последниот попис и комплетноста на потребната проектна документација со сите потребни дозволи и согласности потребни за почнување на јавна набавка со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци – соопшти на прес-конференција министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Право на учество имаат сите општини, кои ќе можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти, а повикот ќе трае до 30 април годинава.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека 15 милијарди денари што се ставаат на располагање на општините се значајни средства за изградба на капитални проекти како што се училишта, градинки, паркови, водоводни мрежи, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните.
– Се работи за историски најголема инвестиција на централната власт во општините преку кои директно се влијае за подобар живот и повисок стандард – рече Мицкоски.
На претходниот повик, потсети тој, 78 општини добија 288 проекти со вкупна вредност од над 73 милиони евра, а преку Министерството за транспорт беа доделени 800 милиони денари за финансирање на посебна програма за помош на општините.
Процесот за распределба на средствата и за вториот повик ќе го следи владино координативно тело што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа. Средствата ќе се доделуват преку министерствата за транспорт, за животна средина и посторно планирање, за образование и наука, за социјала политика, за спорт и за култура, кои ќе треба да ги утврдат критериумите со кои ќе се финансираат проектите преку капитални дотации.
Перински истакна дека мерката е целосно насочена кон подобрување на условите за живот на граѓаните, се базира на реалните потреби на општините и нивните жители.
– Нема ниту грам политика во неа, а доказ за тоа се и резултатите од првиот повик каде десетина финансирани проекти се во општини со градоначалници од опозицијата – наведе Перински.
Тој соопшти дека од првиот повик, 251 проект се веќе со склучен договор или се во завршна фаза од постапката за избор на изведувач, од кои 50-ина веќе се реализираат на терен. Остануваат само 37 проекти за кои се очекува почеток на постапка.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
