Руските власти, кои контролираат дел од регионот Запорожје, денеска соопштија дека 6 лица, од кои 5 деца, се повредени при напад со украински дрон.
– Во округот Василивка, во близина на линијата на фронтот, беше пукано врз училиштен автобус. Во моментов знаеме дека возачот на автобусот е тешко повреден. Покрај тоа, 5 деца се здобиле со полесни повреди од шрапнели – изјави гувернерот на Запорожје, именуван од Москва, Евгениј Балицки.
Москва го оцени инцидентот како насочен напад врз деца. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги обвини меѓународните хуманитарни организации дека сакаат да го прикријат случајот.
Киев сè уште не го коментирал инцидентот.
Областа Василивка, каде што се наоѓа нуклеарната централа Запорожје, е веднаш на линијата на фронтот. Двете страни постојано известуваат дека биле погодени цивилни згради.
Регионалниот главен град Запорожје, кој е под контрола на Киев, е еден од градовите кои се најтешко оштетени од руските бомби, ракети и беспилотни летала.