Цените на гасот во Европа го достигнаа највисокото ниво за повеќе од една година како резултат на зголемената побарувачка поради ниските температури и укинувањето на ценовната граница на ниво на Европската унија.
На холандската берза ТТФ, мегават-час гас со испорака во март утрово чинеше 53,9 евра, што е највисоко од крајот на октомври 2023 година.
Од минатата недела цените на гасот на берзата ТТФ се зголемија за околу 11%, од средината на септември за дури 50% и се речиси двојно поскапи од март минатата година, кога цената за мегаватчас беше 29,13 евра.
Растот на цената на гасот беше поттикнат од големата побарувачка поради ниските температури во Европа. Во такви услови, залихите на ниво на ЕУ на почетокот на февруари беа полни 53,11%, додека пропишаниот минимум е 60%.
Најниско ниво на залихи од 35,50% има во Франција, потоа 35,97 во Хрватска и 37,09% во Холандија.