Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша указ со кој наложи Министерството за финансии и Министерството за трговија во наредните 90 денови да изготват план за создавање суверен фонд за благосостојба на САД.
„Политика на САД е да се максимизира управувањето со националното богатство исклучиво во полза на американските граѓани. Во таа насока, од интерес на американскиот народ е федералната влада да воспостави суверен фонд со цел да ја поттикне фискалната одржливост, да го намали даночниот товар врз американските семејства и врз малите бизниси, да обезбеди економска сигурност за идните генерации и да ги унапреди економското и стратешкото лидерство на САД на меѓународно ниво“, се вели во синоќешното соопштение од Белата куќа.
Деталите за тоа како точно ќе функционира и ќе се финансира фондот сè уште не се познати, но Трамп претходно изјави дека тоа може да се прави преку „царини и преку други разумни механизми“.