Инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска вршат вонреден инспекциски надзор во Општата болница во Струга по смртта на 4-годишното дете на Детското одделение. Тоа за МИА го потврди директорот на Инспекторатот, Кирил Лазов, посочувајќи дека штом ќе заврши надзорот и ќе имаат нешто поконкретно ќе излезат со дополнителни информации.
На Детското одделение во Струшката болница вчера почина 4-годишно дете кое, според директорот Владимир Бунчески, имало тешка форма на церебрална парализа и загрозени витални параметри.
Во изјава за МИА, тој посочи дека детето било однесено во многу тешка состојба со подраширени зеници и оти борбата на лекарите да го вратат во животот била неуспешна. Детето било родено во Италија со тешка форма на церебрална парализа, каде што лекарите им соопштиле на родителите дека ќе живее 3 до 6 месеци.
– Детето во Болницата во Струга е донесено во многу тешка форма со подраширени зеници, ослабено срце и со загрозени сите витални параметри. И покрај долгата реанимација и борбата на лекарите да го вратат во живот, тоа било неуспешно. Имало тешка форма на респираторна инфекција со загрозени сите витални параметри. Родителите биле свесни околу состојбата – информира Бунчески.
Случајот во полиција вчера во 9.50 часот бил пријавен од медицински лица од Општата болница во Струга.
Увид извршил јавен обвинител и во координација со семејството телото не е предадено на обдукција. Не била констатирана лекарска грешка, биле преземени сите здравствени мерки.