Канадскиот премиер Џастин Трудо апелираше граѓаните да ја „изберат Канада“ кога ќе одлучат да купат производ, по воведувањето царини од 25% од САД.
-Тоа може да значи проверка на етикетите во супермаркетот и избор на производи произведени во Канада. Тоа би можело да значи да се одлучите за канадско виски наместо бурбон од Кентаки или целосно да се откажете од сокот од портокал од Флорида – рече Трудо.
Гувернерите на повеќе федерални единици во Канада наредија од рафтовите во државните продавници за алкохол да се повлечат сите американски пијалоци.
Најмногу секако настрада омилениот бурбон „Џек Дениелс“ кој се произведува во Кентаки, а повлечени се и румот „Бакарди“, водката „Титос“ и многу други пијалоци со ознака „Made in USA“.
На нивно место се поставени знаци дека наместо повлеченото треба да се користи канадски производ.
Дополнително повеќе влади на канадските федерални држави одлучија во своите јавни набавки да не купуваат американски производи.
Трудо ги повика канадските граѓани да ги преиспитаат своите планови за одмор доколку претходно ги вклучиле и САД.
Трудо најави дека Канада ќе воведе царина од 25% за стоки од САД во вредност од 155 милијарди канадски долари како одговор на тарифата наметната од Доналд Трамп за стоки од Канада.
Енергијата увезена од Канада, вклучувајќи нафта, природен гас и електрична енергија, ќе се оданочува со стапка од 10%.
Тарифите за канадски стоки во вредност од 30 милијарди долари поврзани со американски алкохолни пијалоци и овошје ќе стапат на сила во вторник кога ќе стапат на сила американските царини. Останатите 125 милијарди канадски долари ќе бидат имплементирани за 21 ден.