„Случајот ќе биде разгледан, а ако бидат утврдени пропусти, тогаш ќе има санкции“.
Ова денеска го изјави претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовки, прашан за одлуката на судијката Даниела Алексовска Михајловска во врска со случајот со 20-годишниот Васил Јованов кој ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова.
– Ова не е проблем само на благи казни и постапување на судот, туку на целото општество. Треба да размислиме што можеме да направиме за да не се случува во иднина. Се работи за случај што ја потресе целата држава, сочувствуваме со семејството и не би сакал во вакви моменти на чувства коишто ги има кај сите граѓани да се носат некои избрзани одлуки или некои заклучоци да се изведуваат. Не се добри такви некои брзи промени да се прават во законот – вели Камбовски, по барањата на јавноста да се предвидат повисоки затворски казни за вакви злодела.
За борбата против корупцијата во судството, за која сите се залагаат, Камбовски смета дека за тоа има процедура и дека не се тие оние кои треба да кажат дали некој е корумпиран или не.
– Тоа се комплицирани случаи, кои во суштина треба некој друг да ги води во државава, а тоа е јавното обвинителство. Ние ја следиме работата на судовите. Секако ако добиеме сознание за таква некоја појава, секако ќе го препратиме до јавното обвинителтво. Не можеме ние да дадеме мислење во насока дали некој бил корумпиран или не. Судијата не е над другите луше или не е над законот. Тој е граѓанин како ние што сме. Доколку згрешил треба по законот да си одговара – додаде Камбовски, кој денеска учествуваше на ссија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) во организација на Европското движење на тема „Патеки до интегритет и независност на правосудството: клучен предизвик во реформите за владеење на правото и борбата против корупцијата“.