Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека „многу скоро“ ќе воведе царини за европските производи, слични на оние што веќе ги наметна за увозот од Канада, Мексико и Кина.
– Тие имаат огромна предност во трговијата со нас – САД има трговски дефицит од 300 милијарди долари. Тие не купуваат наши автомобили, земјоделски производи – речиси ништо. А ние купуваме милиони нивни автомобили и големи количини храна – изјави Трамп на прес-конференција.
На прашањето кога точно ќе бидат воведени царините, Трамп одговори: „Немам конкретен датум, но ќе биде многу скоро“.
Во меѓувреме, тој најави утрински разговори со канадскиот премиер Џастин Трудо и со мексиканската влада, по воведувањето на 25 отсто царини за увозот од овие земји, но дека не очекува ништо значајно од разговорите.
Белата куќа соопшти дека царините стапуваат на сила во вторник.
Трамп смета дека царините ќе им нанесат мала болка на САД, но дека се неопходни за справување со илегалната имиграција и трговијата со дрога.
– На краток рок, можеби ќе почувствуваме мала болка, но луѓето го разбираат тоа. На долгорочен план, ние сме ограбувани од речиси секоја земја во светот – оцени Трамп.
Трите најголеми трговски партнери на САД возвратија со контрамерки на царините воведени од американскиот претседател. Канадскиот претседател Џастин Трудо објави дека Канада ќе воведе еднакви тарифи од 25 отсто на американскиот увоз до 106 милијарди долари.
– Дејствијата што ги презема Белата куќа „нè делат наместо да нè зближуваат“. Ако претседателот Трамп сака да воведе ново златно доба за Соединетите Држави, подобар начин е да биде партнер со Канада, а не да нè казнува – рече Трудо на прес-конференција.
Трудо ги повика Канаѓаните да купуваат локално, наместо да купуваат американски производи и услуги. Канадската провинција Британска Колумбија веднаш реагираше со повлекување на американските алкохолни пијалоци од полиците на продавниците и исклучување на американските производи од државните набавки. Премиерот Дејвид Еби напиша на платформата на социјалните мрежи Икс дека Канада нема да „попушти“.
Кина соопшти дека се противи на царините и вети дека ќе преземе „соодветни контрамерки“, се вели во соопштението на Министерството за трговија на Пекинг.
Неколку часа откако претседателот на САД, Доналд Трамп, најави воведување високи царини за канадски увоз, а по контроверзните предлози на Трамп Канада да стане 51-та американска држава, незадоволството меѓу Канаѓаните станува сè повидливо, дури и во спортските сали.
За време на натпреварот во Националната хокеарска лига (НХЛ) во Отава против Минесота, канадските навивачи ја исвиркаа американската химна. Слична сцена беше повторена и за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Торонто Репторс и Лос Анџелес Клиперс, каде свирежите го задушија настапот на пејачот, а од друга страна, канадската химна беше интонирана со необичен жар и ентузијазам.