Лидерот на фламанските конзервативци Барт Де Вевер денеска официјално стана нов белгиски премиер со положување заклетва пред кралот Филип заедно со 14 членови на неговата влада, јавија новинарите на АФП.
54-годишниот лидер на фламанската националистичка партија Нова фламанска алијанса (Н-ВА), кој беше градоначалник на Антверпен 12 години, е првиот фламански националист на чело на федералната влада во Белгија.
Белгиските политички партии постигнаа договор за влада на широка коалиција во петокот, по речиси осум месеци преговори по изборната победа на Новата фламанска алијанса (Н-ВА).
Де Вевер ќе ја зацврсти земјата повеќе надесно заедно со четирите партнерски партии во неговата коалиција, кои ќе ги вклучуваат демохристијаните и социјалистите од Фландрија, како и либералите и центристите од француско говорната Валонија. Екстремно десничарската партија Влаамс Беланг (фламански интерес) е исклучена од преговорите за формирање влада, и покрај фактот што постигна најголемо зголемување на поддршката на изборите во јуни 2024 година и стана втора по големина политичка партија во Белгија.