Бројот на жртвите на руските напади врз Украина викендов се искачи на најмалку 15, според Киев, од кои 12 жртви во Полтава. Нападот е пријавен и од руската област Курск, каде што наводно ракета погодила училиште во кое се сместени цивили. Четири лица загинаа. Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за нападот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на својот канал Телеграм предупреди дека Русија извршила повеќе од 1.400 воздушни напади врз неговата земја оваа недела. Тој уште еднаш ги повика западните сојузници на поголема поддршка во форма на системи за противвоздушна одбрана, како и ракети со долг дострел и построги санкции.
Киев извести за руски ракетни и беспилотни напади викендов врз централна и источна Украина, при што загинаа најмалку 15 луѓе.
Во градот Полтава во централниот дел на земјата, каде што руска ракета погоди станбена зграда рано наутро во саботата, бројот на загинати се искачи на најмалку 12, а 16 лица се повредени. Според претставници на украинската цивилна заштита, меѓу загинатите има и две деца, пренесува германската прес-агенција dpa.
Загинати од руските воздушни напади има и од други делови на Украина. Две лица загинаа во Суми на североистокот на земјата, а едно во Харков на исток.
Во градот Суџа во руската област Курск, кој од август минатата година е под контрола на украинските војници, според украинскиот Генералштаб, во саботата загинале најмалку четири лица, откако руската страна наводно удрила во училиште кое се користеше за итно сместување на евакуирани руски цивили.
Уште четири лица се тешко повредени, а околу 80 луѓе се спасени од урнатините, соопшти Киев. Украинските воздухопловни сили потврдија дека руската страна ја фрлила бомбата од авион источно од Судџа, пренесува германската новинска агенција dpa.
Сцена од Запорожје, 2 февруари 2025 г. Сцена од Запорожје, 2 февруари 2025 година (Фото: ПРОФИМЕДИЈА)
Русија, која не соопшти бројка на загинати, го обвини Киев за нападот, велејќи дека тоа е „непростливо злосторство“. Според Министерството за одбрана во Москва, украинските сили истрелале проектили од Суми кон Суџа, од кои едниот наводно погодил училиште.
Руските истражители објавија дека покренале кривична постапка против украински командант во Суми, за кого тврдат дека стои зад нападот, пренесува dpa.