Руските власти денеска ја обвинија Украина за убиство на 22 цивили во руско село, окупирано од украинските сили, вклучително и 8 жени кои наводно биле силувани пред да бидат погубени, објави Москов тајмс.
Украина ја презеде контролата врз десетици погранични градови во областа Курск во западна Русија откако почна ненадејна офанзива таму во август минатата година. Украинските власти тврдат дека околу 2.000 цивили сè уште живеат во областите што ги зазеле. Руската армија почна да ја одбива офанзивата и повторно зазеде неколку локации.
Рускиот истражен комитет, кој на 19 јануари најави отворање на истрага за убиство на „најмалку 7 цивили“ во селото Руски Поречној, на околу 20 километри од украинската граница, денеска соопшти дека сега го истражува убиствата на 22 жители на ова село, кои биле извршено, според Москва, меѓу септември и ноември минатата година.
Меѓу жртвите, чиишто тела биле пронајдени во подрумите на неколку куќи, имало и 8 жени кои наводно биле силувани пред да бидат убиени, соопшти Истражниот комитет.
Инспекторите обвинуваат 5 украински војници за убиствата, велејќи дека еден од нив бил заробен за време на борбите во областа Курск.
– Треба да разговараме за тоа, да го покажеме, и покрај молкот на меѓународната заедница и нејзината лоша волја пред овие злосторства – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, објави руски ТАСС.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека акциите на украинските војници ја илустрираат нивната „воена и политичка немоќ во време на пораз на фронтот“.