Обвинители и судии први на списокот на виновници

Lorita
By Lorita 18 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Трагичната сообраќајна несреќа што се случи во средата на булеварот Партизански одреди во Скопје, во која животот го загуби 22-годишната Фросина Ќулакова од Неготино, ја потресе јавноста и го отвори прашањето за одговорноста на правосудните органи.

Возачот, 20-годишно момче од Карпош, управувал возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено светло на семафорот. Она што дополнително ја зголемува трагедијата е фактот дека момчето и претходно им било познато на органите на прогонот.

Според информациите што ги објави порталот Лидер, против момчето биле поднесени кривични пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични средства. Обвинителството побарало притвор, но судот го третирал како помлад полнолетник и му изрекол воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом за малолетници.

Оваа одлука му овозможила на проблематичното момче да остане на слобода, што резултираше со фаталните последици.

Јавноста е згрозена од фактот дека, и покрај претходните прекршоци, момчето не било соодветно санкционирано.

Ова дефинитивно укажува на сериозни пропусти во правосудниот систем, каде обвинителите и судиите не презеле адекватни мерки за заштита на граѓаните. Доколку институциите постапувале согласно законските прописи и ја оцениле сериозноста на претходните дела на момчето, можеби животот на младата Фросина ќе беше спасен.

Граѓаните бараат правда и гаранција дека ваквите трагедии нема да се повторат. Неопходно е обвинителите и судиите да ги извршуваат своите должности совесно и професионално, со цел да се обезбеди безбедноста на сите учесници во сообраќајот и да се спречат идни трагедии.

Во тоа име, денеска во 13 часот пред пекарницата „Силбо“ на Партизанска ќе се одржи протестен собир поради хроничното дивеење на возачите кое одзема животи, но и против непрофесионалното и корумпирано работење на судиите и на јавните обвинители.

Проблематично момче од Карпош

Порталот Лидер го откри идентитетот на момчето коешто ја усмрти 22-годишната Фросина Ќулакова на Партизанска.

- Advertisement -
Ad image

„Помеѓу неговата генерација во Карпош од каде што потекнува, 20-годишниот Васо (Јованов) е познат како бесно и богато момче. Од неговите родители за својот 18-ти роденден добил автомобил ‘пежо 208’ кој веднаш почнал да го управува иако немал положено за возачка дозвола. За возачка дозвола никогаш не положил, ама затоа уште веднаш почнал да предизвикува проблеми по скопските улици, проблеми кои траат во последните две години и кои кулминираа со прераната смрт на неготинчанката Фросина Ќулакова. Во 2023 година, скоро откако го добил автомобилот кој се води на име на неговиот татко, Васо предизвикал сообраќајка која резултирала со тешки телесни повреди на учесниците“, дознава Радио Лидер од извори во МВР.

Бил виновен за сообраќајката, немал возачка дозвола, добил и кривична пријава од МВР за серијата на кривични дела, но пријавата била одбиена од страна на Основното јавно обвинителство Скопје.

Ослободувањето од кривичен прогон го охрабрило младиот Васо да продолжи да вози брзо и бесно. Евиденцијата покажува дека во изминатите две години тој има добиено над 10 прекршочни пријави од сообраќајната полиција за управување без возачка дозвола, брзо возење и кршење на сообраќајни правила.

- Advertisement -
Ad image

Сепак, никој не му го одземал автомобилот, кој по секоја пријава тој и понатаму си го управувал уште побрзо и уште побесно.

Не му е првпат

На 30 март минатата година Васо заработил кривична пријава од МВР за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Обвинителството уште истиот ден дало наредба за поведување истражна постапка но осомничениот тогаш неколку дена не бил достапен за органите на прогонот по што на 2 април почнал да ја издржува мерката притвор која му била изречена.

„Истрагата за овој случај била завршена за помалку од два месеца и на 21 мај истата година јавниот обвинител поднел обвинителен акт при што било побарано продолжување на мерката притвор“, информираат од Обвинителство.

Оттаму додаваат дека предлогот бил прифатен и на лицето му бил продолжен притворот се до 31 јули кога Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда – решение со кое го огласил за виновен и иако полнолетен, му изрекол воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом. На 30 септември јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложил жалба и предметот сѐ уште е во жалбена постапка.

Жалбата е во однос на воспитната мерка, бидејќи во однос на притворот жалба не е дозволена со оглед на тоа дека не е изречена казна туку воспитна мерка, се вели во образложението на Обвинителството. Против истото лице до обвинителството била поднесена и друга пријава на 1 февруари 2023 година за кривично дело поврзано со сообраќајна незгода од ноември 2022 година во која едно лице се здобило со полесни повреди.

Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел Решение со кое не се презема кривично гонење, а осомничениот тогаш се согласил да постапи по барањата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на државниот буџет.

Кажете ги имињата!

Пратеничката Јована Мојсовска од Левица синоќа распали на социјалните мрежи со критики кон институциите и побара јавно да се соопштат имињата на обвинителите и на судиите кои ги отфрлиле кривичните пријави против момчето кое ја усмрти Фросина Ќулакова.

Неколку заташкани кривични дела, возење без возачка дозвола, дилање дрога – сето тоа е возможно само од ‘знаеш ти чиј син сум’ и од партиски судии и обвинители кои одработуваат за партијата наместо за правдата.

Јована МојсоскаПратеник, Левица

„Обвинителите кои ги отфрлиле кривичните пријави против разгаленото детиште што усмрти млада девојка да се обзнанат со име и со презиме. Да се објави нивниот кариерен напредок и во чии партиски кругови гравитираат. Судиите кои одбивале мерка притвор и го пуштале во поправен дом убиецот да се објават со име и со презиме. Уште утре јавниот обвинител Љупчо Коцевски треба на прес-конференција пред целата јавност да ги соопшти сите детали за кривичните дела на разгаленото детиште и да иницира постапки против јавните обвинители кои со своето непостапување креирале убиец. Судскиот совет и новиот претседател Александар Камбовски (за кој веќе излегоа информации дека носел контроверзни одлуки за сличен случај) треба пред јавноста со имиња да обзнанат кои судии претходно не го санкционирале сторителот и да иницираат постапки за одговорност против судиите. Неколку заташкани кривични дела, возење без возачка дозвола, дилање дрога – сето тоа е возможно само од ‘знаеш ти чиј син сум’ и од партиски судии и обвинители кои одработуваат за партијата наместо за правдата. Побогу, колку чини животот во оваа скапано брутално партизирана вукојебина?!“, реагираше Мојсовска.

Реагираше и првиот човек на Левица, пратеникот Димитар Апасиев, кој посочи дека се бараат имињата и презимињата на обивнителите и на судиите кои дозволиле тој слободно да се шета како да нема направено никакво кривично дело.

„Ги бараме ИМИЊАТА и ПРЕЗИМИЊАТА на обвинителите и судиите кои редум ги заташкувале кривичните дела на аздисаното детиште што прегази млада студентка на Партизанска! И ќе ги бараме преку сите инструменти на парламентарниот надзор се додека не ги добиеме“, напиша Апасиев.

И адвокатот Јанаки Митровски е дециден дека некој го спасувал момчето кога во минатото имало проблеми со законот.

„Дури и во услови кога постои законски исклучок да му се изрече заводска мерка бидејќи немал наполнети 21 година, тој исклучок е крајно рестриктивен и е врзан за неговата личност и околностите под кои е сторено делото. Фатен е со 80 паковки амфетамин за кој по праксата на скопскиот Кривичен суд би добил 1,5 до 2,5 години затвор. Наместо ќорка е на слобода и наместо да му биде wake up call, батето пијано и без возачка гази нечија ќерка и сестра небаре е куче на улица. Детево е вадено и тоа од Марс се гледа. Дополнително имал 10 прекршочни со кои си го бришел задникот бидејќи му било гајле, пак си возел сепак тате и мама се тука да го вадат. Очекувајте на судењето кое следи некое спектакуларно вештачење дека пешакот е виновен, го изненадил. Ова буквално сум го видел на предмет. Банана држава би било пофалба за Monkeydonia!!!“, вели Митровски.

Чаша вино пред одење

Неколку минути пред да се случи кобната несреќа на булеварот Партизански одреди, момчето кое со автомобилот ја прегази 22-годишната Фросина објави фотографија на Инстаграм на којашто се гледа како во раката држи чаша со вино и како со друштвото се забавува во еден од скопските локали.

Инфлуенсерот Божидар Божиновски оценува дека прегазената 22-годишна девојка е всушност жртва на системот, на институциите и на изместените вредности.

„Возачот кој управувал без дозвола возило кое му го купиле и пред да ја добие (и да ја изгуби поради прекршоци меѓу кои и потешки), бил апсен за дрога, вечерта бил пијан и повторно бил на улица овој пат со трагичен крај за Фросина и нејзиното семејство. Еден млад и надежен живот згаснат во момент, пресечен во она што треба да се најдобри години, години во кој светот е пред тебе. Згаснат поради бес, поради неказнивост, поради негрижа на општеството, поради вредностите кои фаворизираат и ги оставаат вакви ликови на слобода. Симболика на сѐ она што ни се случува, млада и перспективна дизајнерка која создава убавина убиена од дното на нашето општество – неуспешен дилер. Сочувство до семејството за загубата“, напиша Божиновски на Фејсбук.

Партиите бараат најсрога казна за возачот

ВМРО-ДПМНЕ повикува на најстрога казна за возачот кој усмрти 22 годишна девојка, а побара од Јавното обвинителство и од Судот да работат според закон.

„Изразуваме најдлабока жалост за трагичната сообраќајна несреќа на булеварот Партизански одреди, поради која животот го загуби младата Фросина Кулакова. Воедно, бараме најостра санкција за возачот од страна на Јавното обвинителство и од Судот. Наместо декларативни казни, потребни се суштински мерки кои ќе делуваат превентивно за секој што ќе се осмели да управува моторно возило без возачка дозвола, во алкохолизирана состојба или при намалена свесност. Казната во овој случај и сличните мора да биде најстрога, за да се испрати јасна порака дека никој не смее да си игра со законот. Секоја личност носи одговорност за своите постапки. Овој случај ќе го има вниманието на јавноста и на ВМРО-ДПМНЕ и апелираме до институциите да работат според закон. Истовремено, ги повикуваме сите граѓани да останат обединети во оваа трагична ситуација. Нашата заедничка цел треба да биде обезбедување на безбедни улици и почитување на законите. Апелираме до сите политички субјекти и јавни личности да се воздржат од користење на оваа трагедија за сопствени интереси и да се фокусираат на поддршка на семејството на починатата, како и на иницијативи што ќе придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Нека почива во мир Фросина Кулакова, а нејзината трагична судбина нека биде поттик за сите нас да работиме на подобрување на безбедноста и одговорноста во нашето општество“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

И од СДСМ бараат да се одреди максимална казна за возачот.

„СДСМ бара да му биде одредена максимална казна на возачот што со автомобил усмрти 22-годишна девојка на булеварот Партизанска во Скопје. Ги повикуваме сите надлежни органи да дејствуваат без одложување. Овој шокантен настан уште еднаш ја покажува сериозноста на проблемот со безбедноста на улиците и потребата за итно и решително дејствување од страна на институциите“, соопшти СДСМ.

Оттаму најавија дека во знак на солидарност Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) ќе се приклучи на протестот.

„Протестите се легитимно право на народот да изрази незадоволство и барање за одговорност од оние што не си ја извршиле својата должност“, велат од партијата на Венко Филипче.

Партизанска е „црна точка“

Смртта на 22-годишната Фросина Ќулакова повторно го отвори прашањето за безбедноста на булеварот Партизански одреди, потсетувајќи на уште две трагични сообраќајни несреќи што се случија на истиот потег.

Викторија Николова и Фросина Цековска

На 3 март 2015 година, пред Универзалната сала, животот го загуби 20-годишната Фросина Цековска од Крива Паланка, која се преселила во Скопје поради студии. Додека минувала преку булеварот, ја удрил автомобил управуван од 26-годишниот Љубиша Видојковиќ, кој возел во алкохолизирана состојба со 1,23 промили алкохол во крвта и со брзина од 85 километри на час.

По ударот, Видојковиќ избегал, но дваесетина минути подоцна сам се пријавил во полициската станица во Ѓорче Петров.

Во 2022 година, 24-годишната Викторија Николова од Радовиш беше усмртена на пешачки премин кај трговскиот центар Сити Мол во Карпош. Додека минувала заедно со своето момче, на неа налетал автомобил „цитроен“, управуван од 23-годишниот Јордан Ѓоргиев.

Викторија почина на лице место, додека нејзиното момче се здоби со тешки повреди.

Судот му изрече затворска казна од три години на Ѓоргиев, при што како олеснителни околности беа земени предвид неговата младост, фактот дека бил студент, дека не бил претходно осудуван и дека го признал делото и изразил каење.

По трагедијата, граѓаните организираа протест барајќи побезбедни сообраќајни услови.

24 пешаци загинале во 2024 година

24 пешаци настрадале само минатата година. Во 2024 – во сообраќајни несреќи жртви биле 853 пешаци, а 214 завршиле со тешки телесни повреди.

Ова го покажува статистиката од МВР, но оттаму појаснуваат дека податоците сѐ уште не се официјални, поради исполнување на законскиот рок од 30 дена од последната случена сообраќајка на 31 декември.

Официјалните податоци на МВР покажуваат дека секоја година, од 2010 наваму, на македонските патишта гинат помеѓу 116 и 198 луѓе.

Во минатото на булеварите низ Скопје беа изгубени многу млади животи. Во 2015 година речиси на истото место како и вчера животот го загуби студентка. Возачот, кој возел дури 85 километри на час и со 1,13 промили алкохол во крвта, првично доби затворска казна од 6 и пол години, но потоа Апелација ја преиначи на 3 години.

Share This Article