Претседателот на САД, Доналд Трамп, им понуди отпремнина на речиси сите федерални работници, голем потег дизајниран да ја намали и да ја реформира американската влада, објави Би-Би-Си.
Преку е-пошта, испратена во вторникот, неговата администрација им кажа на работниците дека треба да одлучат до 6 февруари дали сакаат да бидат дел од програмата за „одложена оставка“, односно давање отказ.
Доколку до тој датум се согласат да се откажат од своето работно место, можат да работат со целосна плата до септември, се вели во пораката. Секој, што ќе одговори на соодветната е-пошта со зборот „resign” („давам отказ”), ќе добива целосна плата до септември.
Администрацијата на Трамп очекува до 10% од вработените да ја прифатат понудата, или околу 200.000 административци.
Владата ветува „голема отпремнина”
– Ако не сакаат да доаѓаат на работа и да придонесат за повторното правење на Америка голема, тогаш слободно можат да си најдат друга работа и Владата на Трамп ќе им даде голема отпремнина за 8 месеци – изјави портпаролката на Трамп, Каролин Ливит.
Од понудата се исклучени вработените во Министерството за одбрана, поштата и во сите агенции кои се занимаваат со депортација или национална безбедност.
Оние кои нема да ја прифатат понудата, се вели понатаму, не можат да бидат сигурни дека ќе останат на работа. Но, во секој случај, тие ќе бидат „третирани со достоинство”.