Во саботата беше потврдено дека Дражен „Праја“ Далипагиќ, еден од најголемите европски кошаркари на сите времиња, почина на 74-годишна возраст по тешко боледување.
Тој беше најдобар спортист на Југославија во 1978 година, член е на Куќата на славните Нејсмит во Спрингфилд и Куќата на славните на ФИБА, а беше избран за еден од 50-те луѓе кои најмногу придонесоа за Евролигата.
На клупски план, двапати стана шампион на Југославија, освои еден национален куп и два купа Радивој Кораќ (додека се уште беше европско натпреварување) – сето тоа со Партизан. На репрезентативно ниво беше олимписки шампион (1980), светски шампион (1978), трикратен европски шампион (1973, 1975, 1977) и медитерански шампион (1975) со „Сините“, а освои и неколку сребрени и бронзени медали.
Тој беше еден од најголемите стрелци во историјата на овој спорт. Според официјалните информации, тој во својата професионална кариера во најмалку 15 наврати постигнал повеќе од 50 поени. Се сеќава на натпреварот од италијанската лига на кој постигна 70 поени за Венеција Виртус, што е негов рекорд во кариерата.
Како тренер ги водеше Горица, МЗТ од Скопје и Астра банка.
Информации за смртта на Далипагиќ на официјалниот сајт објави и Партизан, клубот во кој Далипагиќ го мина најголемиот дел од кариерата.
„И мораше да дојде тој ден… Денот кога замина големата Праја! По долго и тешко боледување утрово во Белград почина Дражен Далипагиќ! Најдобриот стрелец во историјата на КК Партизан, поранешен југословенски репрезентативец, легенда на светската кошарка и човек со уникатен карактер!
Роден во Мостар на 27 ноември 1951 година, член на Куќата на славните и победник на најголемите натпреварувања на клупско и репрезентативно ниво, во Партизан се приклучи во 1971 година, каде што стана најдобар стрелец во клупската историја! По Праја, низ Партизан минаа повеќе од 100 големи играчи и легенди на светската кошарка, но никој никогаш не се доближи до 8.278 поени!