Пратка на свеж кељ (Brassica oleracea var sabauda), а не на зелка, била идентификувана како небезбедна од хрватската царинска служба при увозот, соопшти денеска Државниот инспекторат за земјоделство кој добил известување од системот за брзо известување на ЕУ (RASAFF – Window) од Република Хрватска.
Според хрватскиот извештај, се утврдило присуство на забранета активна материја imidacloprid во производот, којашто од 1.12.2020 во рамки на Регулативата на ЕУ 2020/1643 е забранета за употреба. Извозот е остварен на 9.1.2025 година а пратката која што била задржана на граничниот премин е со вкупно количество од 2.700 кг.
„По добивањето на оваа информација, Државниот инспекторат за земјоделство направи 20 вонредни контроли кај регионалниот откупувач и извозник, при што е констатирано дека земјоделскиот производ свеж кељ е откупен од земјоделско стопанство во селото Јосифово, Валандово. Инспекцискиот надзор беше спроведен кај 20 земјоделски стопанства меѓу кои и производителот од кој потекнува свежиот кељ, и се земени мостри за да се утврди дали има присуство на забранетата активна материја. По добиениете резултати Државната фитосанитарна лабораторија констатираше дека нема присуство на ниту една забранета активна материја во земените примероци. Во рамки на акцијата беа изречени решенија за водење евиденција и глоба во износ од 700 евра, по истиот основ“, се наведува во соопштението на Инспекторатот.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, апелираше дека водењето листа за евиденција на третирање на растенија и растителни производи е задолжително.
– Државниот инспекторат за земјоделство во континуитет ги следи сите аспекти на безбедноста на земјоделските производи што се извезуваат или увезуваат во нашата држава. Нашата основна задача е да обезбедиме гаранција дека производите кои ги испорачуваме на странските пазари, како и оние што ги увезуваме, не содржат забранети или опасни активни материи кои можат да претставуваат ризик за здравјето на луѓето. Во случајот со кељот извезен во Хрватска, по извршените контроли и анализи, можеме да потврдиме дека нема присуство на опасни материи. Но, и понатаму ќе продолжиме со интензивни надзори за да осигураме безбедност на сите земјоделски производи во нашата држава – рече Анакиев.