Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, активно работи на подобрување на условите за студентите и младите, преку зголемување на средствата за студентскиот стандард, проширување на субвенционираните оброци и со реконструкцијата на студентските домови, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Драгана Бојковска во поткастот ,,ВМРО-ДПМНЕ зборува“.
Важен е отворениот дијалог со младите, за да се најдат решенија кои ќе ги задоволат нивните потреби, истакна таа.
– Како пратеници во Собранието и како Влада сме отворени за студентите, да го најдеме најдоброто решение. Во буџетот за 2025 година имаме рекордно издвоени средства за студентскиот стандард, што вклучува и субвенциониран студентски оброк. Со студентите веќе сме во дебата, конкретно овој предлог за проширување на опсегот на студентскиот оброк потекнува од комуникацијата со младинските претставници од УСС УКИМ. Останува заедно да процениме кое е најдоброто решение за нив. Мислам дека голема карактеристика на оваа власт е отворениот дијалог, како никогаш досега. Студентите и младите имаат отворена комуникација со оние кои што ги креираат и ги реализираат политиките – истакна Бојковска.
Се работи на подобрување на Законот за средно образование, а министерката Весна Јаневска вложува напори за модернизација, со фокус на квалитетот и подготовка на млади луѓе за конкурентност на пазарот на трудот, рече таа.
– Ќе се проширува програмата и многу повеќе внимание ќе се посвети на вештините кои што учениците треба дополнително да ги стекнуваат, односно на животните вештини. Во образованието е важно да се формира здрава индивидуа, подготвена за пазарот на трудот. Новите изборни предмети во Законот за средно образование ќе им помогнат на учениците да стекнат корисни животни вештини – истакна Бојковска.
Бојковска рече дека квалитетот на образованието се влошил во последните седум години и дека целта е враќање на универзитетите на Шангајската листа, за студентите да бидат конкурентни со своите врсници од ЕУ.
Пратеничката нагласи дека формирањето на Министерството за дигитална трансформација и на Министерството за социјална политика, демографија и млади е клучно за иднината на младите.
– Да се стави акцент на младите во овој ресор, кој што е суштински за нив, и на креирање на младински политики, и секако Министерството за спорт, каде што ценам дека ќе се постигнат големи резултати од аспект на поддршка на спортот и младите – рече Бојковска.
Бојковска најави дека до крајот на мандатот ќе се реконструираат сите државни студентски домови.
Ќе се решат проблемите со зградите на ФИНКИ и ФФК и ќе се реконструира салата на УКИМ до крајот на годината.
Бојковска истакна дека Клубот за младински прашања и политики во рамки на Собранието е клучен за поврзување на институциите и младинските претставници. Таа додаде дека младите треба активно да учествуваат во донесувањето на политиките за постигнување добри решенија.