Израелската војска спроведува рација на Западниот брег додека трае примирјето во Газа. Додека се чини дека има прекин на огнот меѓу Израел и борците на Хамас во Газа, најмалку десет Палестинци во градот Џенин се убиени во она што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече „голема и значајна воена операција“.
Операцијата следи по повеќенеделната кампања на палестинските власти за повторно воспоставување контрола во соседниот бегалски камп на Џенин. Израел ја започна кампањата еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги укинува санкциите за ултранационалистичките израелски доселеници кои ги нападнаа палестинските села на Западниот Брег.
Кампот во Џенин е главен центар на вооружените милитантни групи, вклучувајќи ги Хамас и Исламскиот џихад, кои добиваат поддршка од Иран. Палестинците ги напушаат своите додека трае реацијата.
Жителот на Џенин, Насим Салах, рече дека израелските дронови со звучници ги повикале да се евакуираат.
– Почнаа да ни викаат да ги напуштиме населбите и да се упатиме кон плоштадот Авда. Така отидовме на плоштадот Авда, отидов со мајка ми и моето семејство. Ме приведоа, ме ставија во соба. Ме прашаа за мојот живот, реков дека живееме во кампот, како и другите луѓе – изјавил Салах.
Новинската мрежа Ал Џезира денеска соопшти дека палестинските власти го уапсиле нивниот известувач Мохамед ал-Атраш, откако го спречиле да известува за големата израелска воена операција.
Доцна во понеделникот, израелски доселеници нападнаа Палестинци, кршејќи автомобили и палејќи имот околу селото ал-Фундук, во близина на Калкилија, област каде што тројца Израелци беа убиени во пукање претходно овој месец.
Висок офицер на ИДФ во дивизијата на Западниот Брег вели дека израелските трупи досега убиле 13 палестински вооружени лица, јавува Тајмс оф Израел.
Во меѓувреме, израелските власти ќе побараат од новата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп да се продолжи рокот за повлекување на ИДФ од јужен Либан за 30 дена.