Македонската литература е збогатена со нов, необичен и несекојдневен книжевен труд на македонскот режисер, продуцент и сценарист Јани Бојаџи.
Станува збор за книгата „Гледна точка“, која по својата структура и информациите што ги нуди е респективен учебник за филмот и за филмската продукција, но по својот стил секако спаѓа во доменот кој обично се нарекува беллетристика или „убаво писмо“.
На промоцијата на книгата во Кинотеката на Македонија, премиерно беше емитуван и трејлерот за новиот игран филм на Бојаџи, „Утре наутро“, инспириран од настаните во македонскиот парламент на 27 април 2017 година. Филмот ќе биде „кондензирана“ форма на серија која ќе се емитува во пет или шест продолженија оваа есен.
Јани Бојаџи е доктор на науки, професор по филмска и телевизиска режија и директор на Телевизија Алфа од 2019 година. Секако, автор е и на повеќе филмски и телевизиски остварувања.
Првото „дијагонално“ читање на книгата „Гледна точка“ веќе ја препорачува кај публиката која го сака и го следи филмот. Љубителите на филмската уметност, кои немаа можност да присуствуваат на посетената промоција на делото и да го проследат дијалогот меѓу Бојаџи и промоторот Александар Русјасков, бездруго уште во првите страници на книгата ќе препознаат четиво кое ќе ги инспирира на филмовите што ќе ги гледаат, а и на оние кои веќе ги виделе, да погледнат од една друга „гледна точка“.
Од книгата секој може да научи дека производството на еден филм е сложен процес, кој вклучува идеја, сценарио, актерска игра, авторитетна режија, фотографија, музика, како и маркетинг, пазарен пристап и ориентираност кон публиката. А во основа на еден таков потфат се луѓе кои треба да бидат спремни да заборават на своите секојдневни проблеми, да се помират со фактот дека сценариото мора да исчезне кога филмот ќе биде готов, да сфатат дека најдобрите актери исто така „исчезнуваат“ од филмското платно и стануваа карактерите што ги глумат, а сите заедно да не бидат изненадени ако после монтажата и постпродукцијата сето она што го работеле и го замислувале со многу љубов и труд, станало еден сосема друг филм.
– Книгата од научен аспект го обработува проблемот на кинематографијата, на филмот, поточно на режисерот како генератор на сите проблеми во уметноста на филмот. Но, во краjна смисла, книгата за издавање ја адаптирав да биде на ниво на белетристика, за да може да ја чита не само читател кој е инволвиран во уметноста на филмот, туку и најобичен читател. Внатре во книгата има стотици цитати на многу познати филмски дела и на многу познати филмски автори – рече авторот на промоцијата.
Што се однесува до филмот-серија „Утре наутро“, кој е во финалната фаза на „пакување“, има планови тој да се појави на неколку фестивали, а неговата премиера се очекува доцна пролет или на почетокот на летото.
Од она што можеше да се види на промоцијата, трејлерот ветува современа и динамична политичка драма, која публиката нема да ја остави рамнодушна. Впрочем, овој филм-серија доаѓа по серијата „Бистра вода“ (2023), која беше емитувана на телевизија Алфа и која потврди дека Јани Бојаџи е посветен на современи теми, со експлозивен социјален и политички бекграунд и набој.