Доналд Трамп ја засили својата кампања против програмите за различност, притискајќи го и приватниот сектор да се придружи на иницијативата. Тој кажа дека сите федерални службници, вработени преку програмите за различност, еднаквост, инклузија и пристапност (ДЕИА) веднаш одат на платено отсуство, објави Асошиејтед прес.
Трамп вчера потпиша серија извршни наредби насочени против програмите за ДЕИА, кои промовираат можности за жени, етнички малцинства, ЛГБТ лица и други традиционално недоволно застапени групи. Групите за граѓански права сметаат дека ваквите програми се неопходни за да решат „долготрајните нееднаквости и структуралниот расизам“.
Трамп денеска поништи извршни наредби, кои датираат од 1965 година, поврзани со еколошки активности, еднакви можности за вработување и со охрабрување на федералните работодавци да постигнат расна, верска и родова рамнотежа на работното место. Тој кажа дека ваквите практики за вработување се дискриминирачки, опасни, понижувачки и неморални.
Владата им наложи на сите федерални установи и агенции да ги укинат сите програми за ДЕИА, а оние кои биле вработени по овој основ веднаш да одат на платено отсуство.