Претседателот на Панама Хозе Раул Мулино го отфрли ветувањето на Доналд Трамп дека САД ќе го „вратат“ Панамскиот канал.
– Каналот е и ќе продолжи да биде на Панама и неговата администрација ќе продолжи да биде под панамска контрола во однос на нејзината постојана неутралност – повтори Мулино по инаугуративниот говор на Трамп.
Мулино, исто така, го отфрли тврдењето на Трамп дека Кина „управува“ со каналот, кој го поврзува Карипското Море со Тихиот Океан.
– Нема присуство на ниту една нација во светот што се меша во нашата администрација – рече Мулино без директно да ја спомене Кина.
Мулино повика на дијалог за ова прашање за „да се разјаснат споменатите точки без да се наруши нашето право, целосен суверенитет и сопственоста на нашиот канал“.
Управата на Панамскиот канал изјави за Си-Ен-Ен дека нема да ги коментира забелешките на Трамп.
Трамп за време на неговото инаугуративно обраќање тврдеше дека Панама ги прекршила договорите за кои е потребна неутралност во управувањето со каналот.
– На американските бродови сериозно премногу им се наплаќа и не се третираат праведно на кој било начин, облик или форма, а тоа ја вклучува и американската морнарица. И пред сè, Кина управува со Панамскиот канал и ние не и го дадовме на Кина. Го дадовме на Панама. И ние ќе си го вратиме назад – рече новиот американски претседател.