Доналд Трамп денеска ќе положи заклетва како 47. претседател на Соединетите Американски Држави, а поканите на неговата инаугурација алудираат на неговите политички позиции.
Како политички аутсајдер, новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, честопати ги избегнуваше дипломатските норми во минатото. Затоа и не е изненадување што неговата инаугурација ја крши традицијата. Трамп е првиот новоизбран претседател по повеќе од еден век, кој покани странски лидери на церемонијата на полагање заклетва.
– Невообичаено е да има странско присуство на лидери бидејќи инаугурацијата се смета за домашен политички настан – забележува професорката во „Вирџинија тек“, Кејс Мајерс, чијашто специјалност се односите со јавноста и политиката, објави Вирџинија тек њуз.
Меѓу поканетите странски лидери се и конзервативната италијанска премиерка, Џорџа Мелони, како и десничарскиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи. Ќе присуствуваат и кинескиот потпретседател, како и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој исто така доби покана за инаугурацијата на Трамп.
– Трамп ги користи овие големи настани, како што е инаугурацијата, како можност да воспостави односи и да најде заеднички јазик. Тоа е многу уникатен начин за справување со дипломатијата, кој е вкоренет во бизнисот – додаде Мајерс.
Неколку шефови на држави, особено десничарски или популистички лидери во сојуз со Трамп, се поканети, но и некои од неговите ривали, објави Ал Џезеира. Имено, тие се:
Други гости, поканети на инаугурацијата, се меѓу најголемите имиња во американската технолошка индустрија; вклучувајќи ги и сопственикот на „Икс“ и на „Тесла“, Илон Маск; основачот на „Мета“, Марк Закерберг; како и основачот на Амазон, Џеф Безос. И извршните директори на „Епл“, „OpenAI“, „Убер“ и на „Тик-Ток“, наводно, добиле покани, објави Тајм.
Некои од овие компании донираа во фондот за инаугурација на Трамп, кој собра повеќе од 170 милиони долари, што е рекорд.
Бизнис лидерите, собрани во делот ВИП на инаугурацијата на Трамп во 2017 година, вклучија милијардери од казината и финансиската индустрија.
Експертите велат дека промената на мислењето во Силиконската долина, местото во кое се наоѓаат најголемите технолошки компании во САД, а која претходно беше наклонета кон Хилари Клинтон, е поттикната од желбата да се добие предност кога станува збор за технолошката регулатива и тарифите.
Професорот по политичка историја на Универзитетот Џорџ Вашингтон, Метју Далек, рече дека технолошките компании ќе бараат „кратење“ на сите нови тарифи што потенцијално би можеле да влијаат на нивниот бизнис. Tој додаде и дека администрацијата на Бајден ја отуѓила Силиконската долина со неколку постапки како што се: обвинувањата за „Амазон“ за монополски практики, настојувањето да се растури Гугл, тужењето на „Мета“, како и отфрлувањето на „Тесла“ на настан во Белата куќа, посветен на електричните автомобили и на борбата против крипто индустријата.
– Многумина во светот на технологијата навистина се мачеа со напорите на администрацијата на Бајден да ги регулира и да го ограничи начинот на нивната работа. Се чувствуваа како жртва на агресивна акција. Згора на тоа, тие почувствуваа дека има многу негативни коментари од Белата куќа на Бајден. Наместо да се слават како јунаци на новото дигитално време, сфатија дека се оцрнети од некои функционери на Бајден – вели Далек.
Во својот проштален говор до нацијата на 15 јануари, Бајден предупреди дека во Америка се формира „опасна олигархија“ на богати луѓе и поседува моќ што ја загрозува демократијата.
– Загрижен сум поради опасната концентрација на моќ во рацете на неколку богати луѓе – рече Бајден, без да спомене имиња.
Се верува дека Маск, најбогатиот човек на светот, има значително влијание врз Трамп. Новоизбраниот претседател го избра Маск да ја надгледува комисијата, задолжена за подобрување на ефикасноста на владата, вклучително и со намалување на трошоците кои се сметаат за расипнички.
Инаугурацијата на новоизбраниот претседател, Доналд Трамп, ќе се одржи денеска, во 12 часот по источно време во САД (17:00 часот по Гринич).
Инаугурацијата обично се одржува на отворено на западната страна на зградата на Капитол, меѓутоа, температурите во главниот град на САД моментално се спуштаат до 12 степени под нулата, поради што инаугурацијата на Доналд Трамп ќе се одржи во зградата на Капитол.
За обезбедување на церемонијата беа ангажирани околу 25.000 луѓе. Белата куќа, Капитол и делови од авенијата Пенсилванија се веќе со безбедносни огради, високи 2,40 метри. Според програмата, по полагањето заклетва, претседателот ќе ги потпише првите одлуки и ќе присуствува на баловите што ќе се одржат во негова чест, на кои ќе им се обрати на присутните.
Трамп изјави дека не сака луѓето на кој било начин да бидат повредени или да претрпат какви било последици и затоа нареди инаугуративното обраќање, молитвите и другите говори да се одржат во Ротондата на Капитол.
На возраст од 78 години и 7 месеци, Трамп ќе стане најстариот инаугуриран претседател во американската историја. Неговиот претходник, Џозеф Бајден, беше 5 месеци помлад на неговата инаугурација.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
